Медиумската писменост ќе стане дел од наставата за да се препознаваат лажните вести, најави Заев

Сподели со своите пријатели

Медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им помогнеме на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести, најави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Loading...

Премиерот се осврна уште еднаш на образовната реформа во основното образование и укажа дека преку неа во наставата ќе се вклучат наставни содржини кои, како што рече, се клучни за нашите деца и суштински за учениците да влезат подготвени во овој нов современ дигитален свет.

– Во образованието вклучуваме медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена која се покажа како круцијална во борбата со Ковид-19. Се разбира, новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се друго што е неопходно за нивните знаења. Но, за оваа работа низ дебата ќе го избереме најдобриот модел, нагласи Заев.

Како Влада, потенцира Заев, имаме голема обврска и одговорност да се спротивставиме на дезинформациите и да ги спречиме штетите кои ги нанесуваат лажните вести.

– Затоа еден од нашите приоритети во „Акција 21“ е – стоп за дезинформациите. Најавувам засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата, изјави Заев.

Со овој план, како што рече, е изработен и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој доколку не постоеше во време на ковид кризата низ која поминуваме, ќе имавме големи тешкотии во справувањето со лажните вести, кои во огромен број беа пласирани преку квази медиуми.

– Такви тенденции се препознаваат уште сега и со вестите поврзани за вакцината против Ковид-19 со цел да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата. Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите и на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес. Владата има обврска да го штити јавниот интерес и во таа смисла ќе направиме се што е во наша надлежност населението да биде целосно, навремено и точно информирано за начините на заштита од Ковид-19, вклучително и за процесот на вакцинација, рече Заев.

За одбраната од сајбер нападите, потенцира дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.

Loading...

Премиерот Заев најави дека Северна Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите кои го напаѓаат целиот свет и, како што рече, верува дека рамо до рамо со партнерите од западот и НАТО, соодветно ќе возвратиме на оваа штетна појава.

Магдалена Ристоманов

Leave a Reply