Марио Арангеловски: Во Македонија се што се случува на интернет е табу тема

Сподели со своите пријатели

Музиката на кратко ја заменија со јутјуберството. Нова професија, малку позната на македонскиот простор, но доста креативна. Ивона Јовановиќ и Марио Арангеловски од Куманово последните месеци скоро секојдневно снимаат разни предизвици, зборуваат на разни теми, влогуваат и ја забавуваат македонската јавност.

Без влакна на јазикот знаат и да искритикуваат, да кажат без проблем што мислат. Освен политиката, за нив не постои друга табу тема.

За нивните идеи, планови, но и што е тоа што ги исполнува на приватен план, првин разговаравме со Марио Арангеловски.

КМ: Кога те прашав за интервјуто се пошегував дека со Ивона сте како сабота и недела, постојано неразделни. Како наоѓате толку инспирација за сите видеа кои ги снимате, кој дава повеќе предлози, кој е покреативниот?

Марио: Јас бев иницјатор за тоа да отвориме јутуб канал, па со самото тоа чувстувам поголема одговорност околу тој технички дел, монтажа, подготовки и така натаму. Меѓутоа, подеднакво сме инволвирани кога се идеите во прашање. Тие постојат насекаде околу нас. Често  ги земаме предвид веќе познатите предизвици на јутуб кои светските јутубери ги снимаат секојдневно, но, многу често и самите ние создаваме автентичен производ, благодарение на луѓето околу нас кои особено не инспирираат за скечевите кои ги реализираме. Инаку, се сложувам со твојата констатација. Ивона и јас се знаеме од многу одамна, меѓутоа, откако почнавме со снимање, станавме тандем за паметење. Скоро па секој ден сме заедно, и кога не сме, се слушаме, се организираме и договораме за проектите кои следуваат. Имаме сериозен пристап кон се онаа што го работиме, без разлика на тоа дали станува збор за приватни обврски, кариера или хоби. Чувствуваме одговорност кон сите оние луѓе кои се наша мотивација.

 

Loading...

КМ: Кај нас општо е познато мислењето дека ако работиш нешто на интернет заработуваш многу пари, но сепак не е така. Колку измените на дел од правилата на Јутјуб влијаат врз вашата работа?

Марио: За жал или среќа ние сеуште не заработуваме од јутуб. Тоа е наше хоби, но, не значи дека во иднина нема да ни биде и професија. Ги следиме промените кои се случуваат со таа работа на интернет, како и самиот алгоритам на јутуб кој постојано доживува трансформации. Во моментот тоа не не засега, оти како што веќе напоменав, не живееме од тоа. Меѓутоа, тие промени на овој или оној начин негативно влијаат на нас и нашиот канал, во однос на растот. Кој се занимава со јутуб или е упатен во тоа, сигурно знае за што зборувам.

КМ: За разлика од Ивона делуваш поактивно на интернет, особено кога се во прашања влоговите. Ќе им објасниш ли на нашите читатели што е влогер?

Марио: Влогер е човек кој пробува со камера да ги долови сите интересни и помалку интересни моменти кои му се случуваат во текот на денот. Јас себе си не можам да се наречам влогер, оти не го правам тоа секојдневно. Се снимам исклучиво тогаш кога знам дека ќе се случува нешто интересно, возбудливо и невообичаено.  Тоа се најчесто патувањата. Но, не можам да кажам дека и Ивона не е активна на тоа поле, оти и таа кога ќе замине некаде, без мене, а, е свесна дека ќе се случува нешто интересно, што би можело да и се сервира на нашата публика, го снима и пробува да извлече максимум. Ние сме релативно кратко на јутуб, па, можеби затоа изгледа дека едниот почесто се снима од другиот. Со тоа што, мора да признаам дека Ивона во неколку наврати немаше храброст да влогува, додека јас се правев храбар и сакав да го скршам мразот. И еве не, денес и двајцата кога ќе заминеме некаде, се трудиме камерата секогаш да ни е во раце и да ги забележиме убавите моменти кои ни се случуваат. Патем, влоговите освен тоа што можат да им бидат интересни на луѓето кои не следат, остануваат и како убав спомен на кој секогаш може да му се навратиме.

 

 

КМ: Од каде дојдовте на идеја да направите нешто вакво, со оглед дека свесно влегувате во нешто што кај нас не е многу популарна работа, додека во светот луѓето заработуваат вртоглави пари од јутјуберството?

Марио: Во Македонија се што се случува на интернет е табу тема. Овде луѓето пробуваат да ги прифатат сите оние нешта кои глобализацијата со себе ги носи, но не им оди баш од рака. Свесни сме дека почнавме да градиме кариера на платформа која не е вообичаена за сите, но тоа ни беше и целта. Сакавме да припомогнеме при развивање на јутуб сцената во Македонија, оти и претходно имавме искуство со медиуми, маркетинг и шоубизнис. Денеска јутуберите се онаа што во минатото беа пејачите, глумците и сите оние јавни личности кои оставиле некаков белег во историјата. Во светот јутуберите имаат најголемо влијание на социјалните медиуми, имаат најголема посетеност на фестивалите предвидени за јутубери, заработуваат милиони на производите кои ги пласираат и рекламираат. Денес јутуберите се херои на нечие детство. Ние не почнавме да снимаме затоа што во светот заработуваат милиони. Напротив, бевме свесни дека во оваа нема пари, барем овде, но сакавме да учествуваме при промена на истото. А, ништо не е невозможно. Јутуб сцената во Македонија постојано расте, некогаш знае и да стагнира, но, не оди надолу, тоа е најважно. Па ќе видиме каде ќе не однесе сетоа ова.

КМ: Ќе успее ли јутјуберството да ја замени твојата љубов кон музиката?

Марио: Не. Музиката е нешто во што потполно уживам. Мојата прва љубов, моето прво хоби и моја опсесија. Јас пробувам популарноста што сум ја стекнал додека сум пеел, да ја искористам на јутуб, но и оваа што ја стекнувам на јутуб еден ден да ја искористам во однос на музиката. Јас пробувам да ги конектирам музиката и снимањето за јутуб. Постојано снимаме видеа поврзани со музика, со песни, видеа во кои пееме. Не дозволувам мојата музичка креативност да згасне. Се трудам што поскоро да се остварам и на музичко поле и на оваа платформа, наречена јутуб. Сметам дека и таму и таму имам што да покажам и по што да бидам забележан. Тек следува хаосот.

 

 

Loading...

КМ: Ивона имавме можност да ја видиме во Ѕвездите на гранд, ти последен пат се натпреваруваше во бугарскиот Икс фактор. Какви се твоите впечатоци од таков вид на натпреварувања? Што се предностите, а кои се негативните страни?

Марио: Што се однесува до музичките натпревари, одлучив да направам пауза, оти моментално немам услови да ја искористам популарноста која следува по учество во едно музичко шоу, а, од инстант слава ми е преку глава. Железото се кове додека е жешко. Тоа е можеби и единствената лекција која ја научив додека лутав од една до друга земја за да се остварам како пејач. Што се однесува до Х Фактор Бугарија, задоволен сум од исходот и успехот со кој таму се стекнав. Влегов во најдобрите 24, го имав за ментор најактуелниот изведувач на Балканот, Криско, стекнав илјадници фанови од соседната Бугарија, многу нови пријателства, познаници, соработници. Така што, постои голема можност да и се вратам на Бугарија и да пробам да направам таму нешто од себе во однос на музиката, но, чекор по чекор. Ќе видиме.

 

 

КМ: Одамна немаме некоја нова нумера од тебе, дали можеби работиш на нешто, може ли да очекекуваме некое изненадување?

Марио: Додека бев тинејџер и додека трчав од едно до друго музичко шоу не бирав средства за успех, прифаќав секакви песни, наслови итн. Но, денес имам 22 години и сакав да направам кратка пауза, да се совземам и да направам план за понатаму. Оти свесен сум дека таа моја бунтовност и пуста желба за успех не се одрази нешто многу позитивно на мене и мојата иднина. Така што, сигурен сум дека следуваат многу нови проекти на кои полека и тивко се работи, но, не сакам да брзам, оти сакам во иднина да сум горд на сите работи кои ќе ги оставам позади себе. Полека, но сигурно ќе си дојде се на свое.

КМ: Кога не снимаш ништо, што е она што го пополнува твоето слободно време?

Марио: Јас сум студент на Филозофски факултет во Скопје, четврта година. Имам еден куп пријатели, познаници, колеги. Имам семејство. Тоа е сосема доволно за денот секогаш да ти биде исполнет со разноразни доживувања.

КМ: Како ќе го поминеш летото?

Марио: Сакам да заминам некаде на море и цело лето да останам таму. Озбилно размислувам  да почнам со секојдневно влогување и да најдам некоја работа на море. Но, ќе видиме, летото сеуште не е почнато, така да, ги кројам плановите полека, но сигурно.

 

 

КМ: Летото несомнено е поврзано со љубовта. Ќе ни откриеш ли како стоиш на тој план?

Марио:  Што беше тоа љубов? Да бидам искрен, покрај обврските со факултетот, музиката, јутубот, немам многу време за излегување и авантури надвор од примарните обврски, па, со самото тоа, немам ни љубов. Патем, конзумирам доволно љубов од пријателите и семејството, па, се уште можам да се воздржам.

КМ: Што ќе им порачаш на оние кои секојдневно ве следат на Јутјуб?

Марио: На оние кои веќе не следат, им препорачувам да го споделат нашиот канал со некој нивен пријател, за да имаат заедничка тема на разговор, кога ќе седнат на кафе, на пример. Заедно да уживаат и искрено да се смеат секој ден, оти смеењето го продолжува животот, а, нам тоа ни е и целта.

Leave a Reply