Кумановското село Рамно некогаш се викало Тополница и имало околу 30 куќи, но по времето на Карпошовото востание (1689г.) запустело.
Подоцна тука пак се населил некоја Груја арамија, што чувал и по 90 јарми волови, кои ги давал под кирија по околните села.
Легендата за настанување на селото Буковљане
Далеку од соседните села и надвор од контролата на власта, алчен за што поголемо богатство, Груја со своите девет синови често наминувал и до околните селски населби и оттаму крадел и колел туѓа стока, слободно што пасела крај селата и по гората.
Но, се дочуло до кумановскиот паша, па тој испратил неколку заптии, кои дошле во домот на Груја и сѐ живо закалале, а куќите ги запалиле. Кога се вратиле пашата ги прашал:
– „Што направивте“
– „Рамно, се срамнивме“ – одговориле тие.
Како настанало селото Кокино и како го добило своето име?
Но, се спасил само еден Груин син, кој бил ценет во селото Дејанце, над Трговиште, кај вујко си. Тој бил женет и имал три сина, па сепак останало потомството на Груината фамилија.
Подоцна во оваа село се населиле и други фамилии. Ќе направел некој „ѓурултија“ и кај ќе бегал да се сокрие сосе фамилијата, ај во Рамно. Така пред околу 350-400 години дошла една фамилија од селото Макреш (гушперци и Курајаци), која таму направиле ајдутство, некој од село Матежево, кривопаланечко, таму убил двајца, па овде пребегнал (Стефанови), други дошле од шумата Трница (Воганарци, Гезаци, Забеличани и Иванковци).
А тогаш, времето било такво, што ако направиш „белја“ во едно село и пребегнеш во друго, не можат да те најдат и отселувањето ти било казна.
Прочитајте ја легендата за селата Старо и Младо Нагоричане
На местото на Груината куќа се населил некој Грба со својата фамилија. Но, наскоро во истото село се вратил и синот на Груја од селото Дејанце, ама Грба не сакал да се исели и тој морал да се врати. Помогнат од власта, по неговото второ вражање, Грба сепак морал да попушти, се преместил кај Грбино Трлиште и тука продолжил да живее. А по срамнувањето на Груината фамилија и имотот со земјата, селото било наречено Рамно.
Според раскажувањето на Јосиф В. Стефановски и Божин К. Антевски (1970г)
Извор: „Наш весник“ – 23 октомври 1970 година