Лапид: Во Америка се загрижени за „државен удар“ во Израел

Сподели со своите пријатели

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид изјави дека членовите на Конгресот и еврејските организации во Соединетите Американски Држави се загрижени поради државен удар во Израел.

Loading...

Оваа изјава дојде на крајот од неговата посета на САД, за време на која тој се состана со претставници на американскиот Конгрес и лидери на големи еврејски организации за да разговараат за планот за реформи во судството што го турка владата на Бенјамин Нетанјаху, што опозицијата го опишува како „државен удар“, пишува израелскиот весник Yedioth Ahronoth.

„Се сретнав со членови на Конгресот и водачи на еврејски организации од цела САД за да ги зачувам стратешките односи меѓу Израел и Евреите во дијаспората“, рече Лапид.

„Тие се загрижени и се плашат од последиците од пучот врз израелско-американските односи и односите со еврејските заедници“, додаде тој.

Контроверзен план за реформи во судството

„Ги уверив претставниците на еврејското раководство дека Евреите во САД не треба да се откажат од државата Израел“.

„Им кажав дека владите доаѓаат и си одат и дека државата Израел ќе остане, а односот меѓу Израел и САД е стратешки поважен од кога било“, рече Лапид.

Во вторникот Лапид ја информираше Џули Плат, претседателка на Организацијата на еврејските федерации на Северна Америка (најголемата еврејска организација во САД и Канада), дека не е познато дали преговорите со владината коалиција предводена од Нетанјаху за планот за судски реформи ќе оди добро, предупредувајќи на голема опасност која ѝ се заканува на неговата земја.

Лапид во понеделникот пристигна во работна посета на САД, при што оствари средби со лидери на еврејски организации и членови на Конгресот, меѓу кои и со претседателот на Уставниот комитет Џеролд Надлер, пишува израелскиот портал Вала.

Loading...

Минатиот понеделник, израелскиот претседател Исак Херцог беше домаќин на преговарачка средба меѓу претставниците на владината коалиција и опозицијата, како дел од напорите да се постигне договор за контроверзниот план за реформи во судството.

„Крај на демократијата и почеток на диктатурата“

Опозициските лидери, вклучително и Лапид, велат дека планот во сегашната форма го означува крајот на демократијата и почетокот на диктаторската ера во Израел.

Тие исто така го опишуваат како „авторитарен пуч“, додека Нетанјаху тврди дека целта на планот е да се врати рамнотежата меѓу судската, извршната и законодавната власт.

Под притисок на штрајкови и масовни демонстрации, Нетанјаху на 27 март објави суспензија на својот план до летната седница на Кнесетот (парламентот), која започнува на 30 април и трае три месеци, додека не се одржи дијалогот со опозицијата, но рече дека нема да се откаже од неговиот план за реформи во правосудството.

Контроверзниот план ги ограничува овластувањата на Врховниот суд (највисокото судско тело) и ѝ дава контрола на владината коалиција врз одборот за именување на судиите.