Криминалитетот во Куманово зголемен за 19,7%

Сподели со своите пријатели

Зголемување од 19,7 отсто бележи криминалитетот во Општина Куманово во првата половина од годината, споредбено со истиот период лани, покажа извештајот на Полициската станица од општа надлежност кој денеска беше презентиран пред Советот на општината.

Намалување од 5,2 отсто се бележи на прекршоците на јавниот ред и мир, додека пак за 12,1 отсто е зголеме бројот на сообраќајни незгоди.

Во текот на првото полугодие од годинава, регистрирани се 686 кривични дела наспроти 573 од истиот период во 2017та година. Поднесени се вкупно 363 кривични пријави што е зголемување во однос на минатогодишните 280. Од 383те сторители само 33 се деца кои сториле 34 кривични дела, што е за четири повеќе од лани.

Најзастапен е класичниот криминал кој преовладува со 88 отсто од вкупниот број на кривични дела.

За 1,7 пати е зголемен економскиот криминал, кој воедно е најтежок за детектирање. Во оваа категорија регистрирани се вкупно 59 кривични дела, за разлика од 22те минатата година, а преовладуваат злоупотребите на службената положба и овластувања.

Енормно зголемување од 75 отсто се бележи кај недозволената трговија, каде преовладува неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Во областа на патниот сообраќај состојбата се оценува како поволна со оглед на фактот дека на јавните патишта и улици во градот во првата половина годинава се случиле 223 сообраќајни незгоди, односно 12,1% повеќе од истиот период минатата година, стои во извештајот.

Од сообраќај се исклучени 623 возачи поради прекршоци во патниот сообраќај, а привремено се одземени 141 возачка дозвола.

Од страна на пајак возилото во првите шест месеци годинава одземени се 776 возила, за разлика од минатата година кога таа бројка е скромна и изнесува само 178 патнички возила.

Leave a Reply