Ќе ги згасне ли министерството „Деновите на комедија“ и „Тамбурашкиот фестивал“ во Куманово?

Сподели со своите пријатели

Фестивалот „Денови на комедија“ кој 21 година по ред се одржува во Куманово и важи за еден од театарските манифестации за кој владее голем интерес, оваа година за прв пат не доби финансиски средства од Министерството за култура. Од побараните 2,5 милиони денари Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ за овој проект не доби ниту денар.

Loading...

Останавме изненадени од ваквата одлука, но се надеваме дека неправдата ќе се исправи, рече денеска на прес конференција Сашо Тодоровски, директор кумановскиот на Центар за култура.

– Ние уредно имаме аплицирано, документацијата е поднесена до Министерството и очекуваме дека можеби е направен некој превид во врска со тоа и очекуваме да се исправи таа неправда и ќе се доделат потребните финансиски средства се со цел овој фестивал како традиција да остане и ќе остане во Куманово, изјави Тодоровски.

Директорот Тодоровски изрази задовослтво за останатите проекти од областа на културата, меѓу кои и пет претстави за Театар Куманово.

– Задоволни сме во глобала, тука се музичко сценските дејности каде имаме обезбедено доволно финансии се со цел да имаме доволен број изложби и концерти во текот на годината во националната установа. И на Театар Куманово оваа година се доделени проекти за пет театарски претстави, три на македонски и две на албански јазик, рече Тодоровски.

Во очекување е и реконструкцијата на кумановскиот театар, прв по скоро шест децении од неговата изградба. За овој проект предвидени се 10 милиони денари за изработка на потребната техничка документација.

Но, фестивалот „Денови на комедија“ не е единствената манифестација која по многу години остана без поддршка на министерството. По 14 години, шари годинава нема ниту за Тамбурашки фестивал, традиција стара со години и бренд на градот Куманово.

Нино Величковски, директор на Фондација за култура и спорт, која го организира овој фестивал вели дека и оваа година, како сите претходно биле испратени истите документи, но сега во годината кога Куманово слави пет века постоење нема пари за културните настани.

Loading...

– Ги молам луѓето во Министерството за култура, комисиите да ги преиспитаат одлуките во однос на конечно донесување на одлуката без да правиме обжалувања и судски постапки ако е потребно и тоа ќе го направиме со сите легални средства да си ги оствариме нашите права, бидејќи нашите сограѓани со нивните пари како даночни обврзници плаќале за да ги добијат културните услуги и ние работиме за нив, рече Величковски на денешната прес конференција.

Педесетина театарски куќи и над 9.000 посетители секоја година уживаат во Денови на комедија, на Тамбурашкито фестивал пак досега настапиле над 1.000 уметници, но оваа година благодарение на Министерстото за култура се доведува во прашање одржувањето на овие манифестации.

Директорот на кумановскиот музеј Богдан Таневски, вели дека генерално е задоволен за добиените проеки, освен два проекти кои се одбиени, а меѓу кои и списанието „Музејски гласник“ со кој годинава би се одбележале 55 години од формирањето на оваа установа.

– Вториот проект е санација на Карпошовата куќа, финансирана е со многу малку пари, од предвидени од наша страна два милиони денари, добиени се 150.000, а сите знаеме во каква состојба е Карпошовата куќа и колку тоа значи за нашиот град, рече Таневски.

Општина Куманово инаку има аплицирано и во програмата Град на културата за 2019 година преку која се надева дека ќе добие средства од Министерството за култура за реализација на низа проекти оваа година во рамки на прославата за 500 години од формирањето.

Leave a Reply