Кадиров: Ова е предавство

Сподели со своите пријатели

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека неговите сили се подготвени да помогнат во задушувањето на бунтот на водачот на платениците на Вагнер, Евгениј Пригожин и дека ќе користат сурови методи доколку е потребно.

Loading...

Во изјавата Кадиров однесувањето на Пригожин го нарече „нож во грб“ и ги повика руските војници да не попуштаат на никакви „провокации“.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека ќе го уништи, како што рече, „вооружен бунт“ откако Пригожин ја презеде контролата врз јужниот град Ростов, како дел од обидот да го собори военото раководство.

Пригожин побара министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов – кого го критикуваше за, како што вели, катастрофалното раководство на војната против Украина – да дојдат во Ростов.

Тој рече дека има 25.000 борци кои „ќе ја донесат правдата“ и наводи, без да обезбеди докази, дека руската војска убила голем број борци од неговата приватна милиција Вагнер во воздушен напад, што Министерството за одбрана го негираше.

Руски безбедносен извор за Ројтерс изјавил дека борците на Вагнер ја презеле контролата и врз воените објекти во градот Воронеж, на околу 500 километри јужно од Москва.

Руската ФСБ отвори кривична постапка против Пригожин за вооружен бунт и рече дека неговите изјави се „повици за почеток на вооружен граѓански конфликт на руска територија“.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.

Loading...