Јапонија: Рекордно високо ниво на птичји грип, уништени 10 милиони живина

Сподели со своите пријатели

Во текот на оваа сезона, Јапонија уништи речиси 10 милиони живина на фармите, што е рекордно високо ниво на зголемување на бројот на случаи на птичји грип низ целата земја, соопшти денеска Министерството за земјоделство.

Loading...

Бројот на уништената живина се искачи на 9,98 милиони откако префектурата Ибараки, североисточно од Токио, соопшти дека почнала да уништува околу 930.000 кокошки заразени со птичји грип на фарма во градот Широсато.

Во текот на оваа сезона, денеска беа потврдени рекордни 56 инфекции во 23 од 47 јапонски префектури, објави Кјодо.

Првиот сезонски случај на птичји грип беше потврден на живинарска фарма во префектурата Окајама, западна Јапонија, во октомври минатата година.

Се верува дека најновите случаи на птичји грип во Јапонија биле предизвикани од птици преселници.

Според податоците на јапонското Министерство за земјоделство, шумарство и рибарство, претходното рекордно уништување на живина заразена со птичји грип изнесуваше 9,87 милиони, а беше извршено од ноември 2020 до март 2021 година.