Италијанската влада сака да го забрани лабораториското месо

Сподели со своите пријатели

Италијанската влада го поддржа законодавството со кое ќе се забрани лабораториски одгледувано месо и друга синтетичка храна, нагласувајќи ја здравствената заштита, јавува Би-Би-Си.

Loading...

Доколку предлозите поминат, прекршувањето на забраната ќе доведе до парична казна до 60.000 евра.

Франческо Лолобриџида, кој го предводи Министерството за земјоделство и суверенитет на храната, зборуваше за важноста на италијанските традиции на храна, а лобито на фармерите го пофали овој потег.

Тоа, сепак, ќе биде удар за некои групи за заштита на животните, кои го истакнаа месото одгледано во лабораторија како решение за голем број прашања, вклучително и заштитата на животната средина од емисиите на јаглерод и безбедноста на храната.

Земјоделските лобисти собраа половина милион потписи во изминатите месеци и повикаа на заштита на „природната наспроти синтетичката храна“, а меѓу потписниците е и премиерот Џорџа Мелони.

Предложениот закон доаѓа по серија владини регулативи со кои се забранува употребата на брашно добиено од инсекти, како што се штурците и скакулците, во пица или тестенини.

Владата наведе дека мотивот за донесување регулативи и предлагање закони е фактот што во Италија многу се цени традиционалната медитеранска исхрана.