Германија: Мнозинството против испорака на ракети „Таурус“ за Украина

Сподели со своите пријатели

Мнозинството Германци, 52 отсто од нив, се против испораката на крстосувачките ракети „Таурус“ во Украина.

Loading...

Новото истражување на јавното мислење покажува и дека мнозинството од оние кои се за испорака на тие ракети се меѓу поддржувачите на Зелените, пишува Дојче веле.

Дали Германија треба да и испорача на Украина крстосувачки ракети „воздух-земја“ Таурус?

Истражувањето „Германски тренд“ (DeutschlandTrend), кое институтот „Инфратест димап“ редовно го спроведува за првата програма на јавниот сервис АРД, покажува дека Германците се поделени по ова прашање – слично како и неодамнешната дебата за испорака на борбени авиони.

Имено, 52 отсто од нив сметаат дека Германија не треба да ѝ снабдува на Украина крстаречки ракети кои можат да се користат против цели на поголеми растојанија, додека 36 отсто се за.

Дванаесет проценти не можат или не сакаат да се изјаснат.

За ова прашање, забележлива е разликата во мислењата меѓу истокот и западот на земјата: 40 отсто од западногерманците се за испораки, а само 21 отсто на истокот.

Гледано во зависност од тоа кој е поддржувач на која партија, најголем процент од оние кои се за испораки се меѓу владејачките Зелени: 68 отсто за, 23 отсто против.

Меѓу поддржувачите на исто така владејачките либерали (ФДП), 56 отсто од испитаниците се за испораките, а меѓу оние кои имаат симпатии за опозициската Алтернатива за Германија (АфД) само 18 отсто.

Loading...

Опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) се поделени: 45 отсто се за, а 48 отсто се против. Таа поделба е уште поизразена кај владејачките социјалдемократи (СПД), 42 отсто за, 42 отсто против.

Оние кои се декларираат против тоа наведуваат дека не сакаат Украина со тие крстосувачки ракети да напаѓа цели на руска територија.

Поделени се и за легализацијата на канабисот

Плановите на германската влада за делумно легализирање на канабисот наидуваат и на различни реакции меѓу германските граѓани: 45 отсто се за, а 44 отсто се против.

За прашањето на легализацијата на канабисот се однесува следново: колку се постари испитаниците, толку помал број од нив се согласуваат со намерите на владата.

Само секој трет човек над 65 години има позитивно мислење за тоа, додека кај младите, но и кај средовечната генерација, тоа е секој друг човек.

Единаесет проценти не можат или не сакаат да одлучуваат за ова прашање.

Исто така, гласачите со завршено средно или високо образование, односно факултет, повеќе се за легализација отколку оние со пониско образование.

Забележливи се и разлики во зависност од партиската ориентација. Додека позитивните реакции преовладуваат меѓу поддржувачите на Зелените (67 отсто) и ФДП (52 отсто), критиките се најсилни меѓу поддржувачите на АфД (54 отсто) и демохристијаните (52 отсто). Поддржувачите на СПД се поделени и по ова прашање.

Loading...

Германската влада планира да го легализира купувањето и поседувањето до 25 грама канабис, како и приватното одгледување до три стебла од растението.

Партиски рејтинг: речиси и да нема промени

Истражувањето „Германски тренд“ редовно го следи рејтингот на партиите. Овој најнов покажа дека доколку оваа недела се одржат сојузни парламентарни избори, демохристијаните ќе бидат најсилната политичка сила со 27 отсто од гласовите.

Алтернативата за Германија е стабилна на второто место и, како и во претходното истражување, за неа би се одлучиле 21 отсто од гласачите.