Фон дер Лајен: Русија ќе ја плати цената за војната

Сподели со своите пријатели

Претседателлата на ЕК најави во Киев, во пресрет на самитот ЕУ-Украина, дека десеттиот пакет санкции против Москва ќе биде усвоен до годишнината од руската инвазија.

Loading...

Високи функционери од Брисел денеска првпат во историјата на Евроблокот ќе разговараат со кандидат за членство во Европската унија на чија територија се води војна.

Одлуката на Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел да дојдат во Киев со 15 еврокомесари на самитот ЕУ-Украина во време кога продолжува офанзивата на руските воени сили на истокот на оваа земја е храбар чин, но пред се е силна симболична порака, и до украинскиот народ и до Москва.

На заеднички брифинг пред самитот, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот Володимир Зеленски вчера најавија нови санкции против Москва.

„До 24 февруари, точно една година по почетокот на инвазијата, имаме за цел да го воведеме десеттиот пакет санкции. Русија веќе плаќа и ќе ја плати цената за војната во Украина“, рече Фон дер Лејен, велејќи дека сегашните санкции ѝ штетат на руската економија, наведувајќи ја проценката дека ограничувањето на цената на руската нафта ја чинело Москва „околу 160 милиони евра по ден“.

Таа објасни и дека ЕУ бара и истражува механизми Русија да плати за обновата на Украина преку замрзнати руски средства во земјите-членки на ЕУ.

Зеленски во оваа прилика рече дека инсистира на ново и побрзо спроведување на санкциите на ЕУ воведени кон Русија.

„Разговаравме за нови санкции против Русија, особено за десеттиот пакет санкции. Ова е заедничка европска задача – да се намали способноста на Русија да ги заобиколи санкциите – и колку побрзо и подобро се изврши оваа задача, толку поблиску ќе бидеме до поразот на Русија“, рече Зеленски, пренесува Укриформ.

Loading...

Од денешниот самит Киев сѐ уште може да очекува воена, финансиска и политичка помош од Брисел, но не и ветување за забрзан пристап во ЕУ.

Меѓу членките на унијата има длабоки поделби во однос на тоа прашање, бидејќи Украина, која е во војна, има уште долг пат до приемот во ЕУ.

Двајца претставници на ЕУ за Дојче веле изјавија дека целта на самитот е да се препознаат овие напори и да се охрабри Украина да продолжи со реформите, за еден ден да ги исполни условите за членство во ЕУ. Киев доби статус на кандидат за членство во ЕУ четири месеци по почетокот на руската воена интервенција, но Брисел бара од властите да преземат порешителни чекори во борбата против корупцијата.

Вчера, веднаш штом се симна од возот, претседателот на ЕК преку „Твитер“ испрати порака:

„Мило ми е што се враќам во Киев, четврти пат од руската инвазија и овој пат со мојот тим на (европски ) комесари“. Тука сме заедно за да покажеме дека ЕУ е цврсто со Украина“.

Во нацрт-комуникацискиот документ на самитот, до кој „Евроактив“ имаше пристап, ЕУ сака да испрати порака до таа земја да продолжи со реформите неопходни за евентуален влез во блокот.

Некои дипломати веруваат дека јазикот што се користи во нацртот е „премногу напреден“ и се очекува да наиде на отпор од Франција, Германија, Шпанија, Холандија, Португалија, Данска и Белгија.

Се очекува во Киев да се разговара за мировниот план на Зеленски од 10 точки, како и за идејата за отворање специјален трибунал кој ќе го гони руското раководство за водење агресивна војна.

Loading...

Тие ќе разговараат за испраќање дополнителна воена помош за Украина, подобрување на пристапот на украинските производи до пазарот на ЕУ, помагање на Украина да ги покрие своите енергетски потреби.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Џузепе Борељ, треба да најави двојно зголемување на бројот на украинските војници кои ќе поминат обука во европските земји на 30.000, како и издвојување на 25 милиони евра за деминирање на подрачјата под контрола на Киев.

Досега ЕУ одвои речиси 60 милијарди евра за помош на Украина, вклучувајќи речиси 12 милијарди евра воена поддршка и 18 милијарди евра ветени за функционирање на државата.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.