Филипини: Регистрирана активност на вулканот Тал, се затвораат училиштата

Сподели со своите пријатели

Еден од најактивните вулкани во близина на главниот град на Филипини, Манила, почна да исфрла сулфур диоксид и вулкански смог, поради што властите ги затворија училиштата во пет градови и десетици други населени области и ги повикаа жителите да останат во затворени простории.

Loading...

Националниот институт за вулканологија и сеизмологија на Филипините објави дека ја регистрирал активноста на вулканот Тал, што резултирало со емисија на вулкански гасови, а предупредувањето е на ниво 1 на скала од пет нивоа, пренесува Ројтерс.

Властите денеска ја прекинаа наставата во десетици градови во провинциите Кавите, Лагуна и Батангас во близина на вулканот Тал, како и во пет градови во регионот на Манила.

Беше издадено предупредување за воздушниот сообраќај да се избегнуваат летови во близина на врвот на вулканот, „бидејќи пепел и цврсти фрагменти од ненадејна експлозија може да претставуваат опасност за авионите“.

Вулканот Тал, висок 311 метри и сместен во живописно езеро во провинцијата Батангас кај Манила, е еден од најактивните вулкани на Филипините, а се наоѓа на островот Лузон, пренесува Танјуг.

Во јануари 2020 година, исфрли облак од пепел и пареа висока до 15 километри, принудувајќи повеќе од 100.000 луѓе да се евакуираат, а десетици летови беа откажани бидејќи пепелта леташе до Манила.

Филипините се наоѓаат во пацифичкиот „Огнен прстен“, каде што се чести вулкански активности и земјотреси.