Цената на нафтата скокна, се доближи до највисокото ниво годинава

Сподели со своите пријатели

На лондонскиот пазар цените на нафтата силно пораснаа минатата недела, приближувајќи се на највисоките нивоа оваа година, што е последица на шпекулациите дека најголемите светски производители ќе одржат намалено производство на „црното злато“.

Loading...

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 4,7 отсто, на 88,49 долари, што е највисоко ниво од крајот на јануари.

На американскиот пазар, пак, цената на барелот се зголеми за 6,5 отсто, на 85,02 долари, највисоко ниво од ноември минатата година.

Саудиска Арабија би можела да го намали производството

Со ова цените ги надоместија сите загуби од претходните две недели, што е последица на загриженоста на трговците за понудата.

Имено, се шпекулира дека водечкиот светски извозник Саудиска Арабија, исто така, ќе го намали производството за еден милион барели дневно во октомври, згора на веќе договореното намалување на производството од страна на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници.

„Очекуваме дека тие ќе ја продолжат одлуката за намалување на понудата и дека нафтата на ОПЕК ќе се врати на пазарот кога цените ќе се стабилизираат над 90 долари за барел“, велат аналитичарите на Националната австралиска банка во прегледот на ситуацијата на пазарот.

Русија, вториот најголем извозник на нафта во светот, веќе се договори со своите сојузници ОПЕК + дека ќе го намалат извозот на нафта следниот месец, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.

Побарувачката се очекува да расте

Побарувачката, од друга страна, треба да зајакне, судејќи според падот на комерцијалните залихи во САД во пет од изминатите шест недели.

Loading...

Покрај тоа, трговците се надеваат на закрепнување на кинеската економија.

И ОПЕК и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценуваат дека Кина, најголемиот светски увозник на нафта, ќе ја зголеми побарувачката до крајот на годината.

Така, понудата на светските пазари во остатокот од годината би можела да биде тесна, делумно поради релативно здравата глобална побарувачка, а делумно поради Саудиска Арабија, која постави прилично висок ценовен праг, вели Тамаш Варга од ПВМ.

Сепак, останува да се види колку ќе забави растот на најголемите светски економии оваа година и дали централните банки на западните земји повторно ќе ги зголемат каматните стапки поради високата инфлација.

По силниот скок минатата недела, цените на нафтата во моментов се повисоки отколку што беа на почетокот на годината.

На лондонскиот пазар во однос на почетокот на годината цената на барелот поскапе за околу 3 отсто, а на американскиот пазар речиси 6 отсто.