Бугарите ѝ забранија на Захарова да лета над територијата, се огласи Кремљ

Сподели со своите пријатели

Одлуката на Бугарија да не дозволи авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да лета над нејзина територија доколку во него се наоѓала портпаролката на тоа министерство Марија Захарова е „апсурдна“ и глупава, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Loading...

Авионот со руската делегација пристигна во Скопје летајќи преку Грција, иако првично беше планирано да ја прелета Бугарија.

„Ставот на бугарските власти тешко може да се објасни. Секако отиде предалеку, тоа е апсолутно апсурдно, па дури може да се опише и како глупаво“, рече Песков и ги повика бугарските власти „барем уште еднаш да останат присебни при донесувањето на одлуките“.

Претходно денеска самата Захарова одлуката на Бугарија ја нарече „опасна глупост“.

„Тоа не е само обична глупост, тоа е опасна глупост од страна на претставниците на бугарските власти. Факт е дека воздушниот сообраќај е регулиран со Чикашката конвенција за меѓународно цивилно воздухопловство од 1944 година“, изјави Захарова.

Според Захарова, ова е прв случај во историјата властите на една земја да забранат поединец да лета над нејзина територија, бидејќи тоа претходно било дозволено со нотата на бугарското Министерство за надворешни работи.

„Дали бугарските власти мислеа дека можеме да користиме слични мерки против илјадниците претставници на НАТО на нашите реципрочни црни листи како одговор? Дали мислеа дека направиле опасен преседан? Не мислам така. Инаку, сега сме во Скопје“, напиша Захарова на својот профил на платформата Телеграм.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров синоќа допатува во Скопје каде што учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ.

Loading...