Белорусија: Одлуката на Полска да го затвори граничниот премин е „катастрофална“

Сподели со своите пријатели

Управата на граничната полиција на Белорусија денеска соопшти дека одлуката на Варшава да го затвори граничниот премин Бобровники меѓу Полска и Белорусија е „катастрофална“.

Loading...

Во соопштението се додава дека овој потег на Полска може да доведе до колапс на сообраќајот од двете страни на границата, пренесува Ројтерс.

„Преостанатите два гранични премини меѓу Полска и Белорусија ќе бидат преоптоварени, на критично ниво“, се вели во соопштението.

Оваа одлука е донесена со намера „понатамошно да се влоши ситуацијата на границата и да се ограничи патувањето на граѓаните“, се заклучува во соопштението на Управата за гранична полиција на Белорусија.

Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински вчера најави дека земјата ќе го затвори Бобровники, клучниот граничен премин со Белорусија, до понатамошно известување.

„Во интерес на државната безбедност, решив да го прекинам сообраќајот на полско-белорускиот граничен премин Бобровники на 10 февруари оваа година од 12:00 часот до понатамошно известување“, напиша Камински на Твитер.

Веќе затегнатите односи меѓу Полска и Белорусија дополнително се влошија во средата, кога судот во Минск го осуди новинарот со полско потекло Анджеј Почобут на осум години затвор, во судскиот процес за кој Варшава тврди дека е политички мотивиран, додава агенцијата.