Азербејџан објави амнестија за ерменските борци во Нагорно Карабах

Сподели со своите пријатели

Азербејџан прогласи амнестија за ерменските борци во регионот Нагорно-Карабах кои го предаваат оружјето, иако некои од нив најавија дека ќе продолжат со отпорот, изјави за Ројтерс Хикмет Хаџиев, советник на азербејџанскиот претседател.

Loading...

Ерменците, кои го сочинуваат мнозинството во Нагорно-Карабах, во четвртокот рекоа дека им се потребни безбедносни гаранции пред да го предадат оружјето, откако Азербејџан објави дека го вратил отцепениот регион под своја контрола по 24-часовната воена операција.

Во интервју за Ројтерс, Хаџиев објави дека Баку планира амнестија за сите борци од Карабах кои ќе го предадат оружјето.

„Гледаме дека во овој момент некои поединечни армиски групи и офицери јавно објавија дека нема да се согласат со нашите услови и ќе го продолжат својот отпор. Гледаме и дека некои помали групи одат во шумата. Но, не гледаме како голем безбедносен предизвик. Се разбира, ова носи одредени предизвици и тешкотии, но не во толку големи размери“, рече азербејџанскиот претставник.

Тој изјави дека ќе се почитуваат правата на Ерменците од Карабах како дел од нивната интеграција во Азербејџан, додавајќи дека тие побарале хуманитарна помош, како и снабдување со нафта и бензин.

Хаџиев најави дека денеска во овој регион ќе бидат доставени три товари хуманитарна помош.

Карабах е меѓународно признат како дел од главно муслиманскиот Азербејџан, но неговото христијанско ерменско население одржува де факто независност од војната во 1990-тите, која го растури Советскиот Сојуз, пишува Ројтерс.

Многу од 120.000 Ерменци во Карабах тврдат дека биле напуштени од Русија, Западот и самата Ерменија – и постојано зборувале дека се плашат од прогон од страна на Азербејџан поддржан од Турција, според британската агенција.

Loading...

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан најави дека Ереван е подготвен да прифати бегалци од Нагорно Карабах.

Вчера беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските војници во отцепениот регион Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци.

Договорот е постигнат со посредство на рускиот мировен контингент, откако официјален Баку започна „антитерористичка операција“ во Нагорно-Карабах за враќање на уставниот поредок во областа под контрола на ерменските сепаратисти.