Александар Вучиќ распиша парламентарни избори за 17 декември

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ја потпиша одлуката за распишување вонредни парламентарни избори.

Loading...

Гласањето за новото свикување на српскиот парламент ќе се одржи во недела на 17 декември.

Истиот ден во 65 градови и општини во Србија ќе се одржат локални избори кои денеска ги распиша претседателот на Собранието Владимир Орлиќ.

Вучиќ го потпиша указот за распуштање на Собранието, кој стапува во сила со денот на објавувањето во Службен весник.

Вучиќ на граѓаните им посака среќни избори.

– Живееме во времиња кои се тешки за целиот свет. Во време на војни, сите треба да бидеме обединети за да ги зачуваме виталните интереси, во време кога ќе бидеме под притисок поради Косово и други прашања. Србија треба да ја зачува внатрешната кохезија – изјави Вучиќ.

Тој на сите учесници им посака добар резултат. Тој е убеден дека со овие избори се консолидира демократијата во Србија.

Да потсетиме, Владата на Република Србија пред два дена испрати образложен предлог до претседателот на Републиката за распуштање на Народното собрание и распишување избори за пратеници.

Loading...

„Одржувањето нови парламентарни избори под постојните околности би обезбедило повисок степен на демократија, намалување на тензиите создадени меѓу спротивставените опции во општеството, отфрлање на ексклузивноста и говорот на омраза и афирмирање на правото на слободно изразување мислења и ставови за одредени политички, економски и други прашања, вклучително и натамошна афирмација на европските вредности“, се вели во соопштението.

Во предлогот за распуштање на парламентот, меѓу другото, се наведува дека неодамна имало барања од дел од јавноста да се распишат нови, вонредни избори за пратеници, а дека на 11 септември 2023 година дел од вакво барање до претседателот на Републиката поднесоа опозициските политички партии.