Командантот на највисоката иранска воена оперативна команда, генерал-мајор Али Абдолахи денеска изјави дека секој нов акт на агресија од страна на Соединетите Американски Држави или нивните сојузници ќе биде пресретнат од огромната иранска воена сила, која „ќе му ја отсече раката на секој агресор“.
Иранскиот генерал изјави дека „Исламската Република Иран е посилна и порешителна од кога и да е да го брани својот суверенитет“, пренесува иранската државна телевизија PressTV.
Генералот Али Абдолахи, командант на штабот на Катам ал-Анбија, највисокиот оперативен команден центар на вооружените сили на Иран, рече дека Исламската Република и нејзините искусни, закоравени вооружени сили сега се поподготвени и помоќни од било кое време во историјата и „подготвени да ја заштитат гордата нација“.
„Им се обраќаме на Америка и нејзините сојузници и им кажуваме да не прават уште една стратешка грешка или погрешна проценка. Тие мора да знаат дека секоја повторена агресија или инвазија ќе биде одговорена со брз, решителен, силен и широк одговор“, рече командантот Абдалахи и потсети дека на непријателите на Иран секогаш им се предава тешка лекција.
Тој предупреди дека доколку непријателите се осмелат да направат уште една грешка, Иран ќе одговори со многу поголема сила и подготвеност отколку за време на 40-дневната наметната војна.
Ќе ги браниме правата на иранскиот народ со сите сили и ќе му ја отсечеме раката на секој агресор“, заклучи командантот на штабот Катам ал-Анбија.

