Владата го усвои Предлог-законот за амнестија, ќе се носи во редовна постапка

Сподели со своите пријатели

Со предложениот закон за амнестија што Владата го усвои на вчерашната седница, осудените лица на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно ќе бидат ослободени од издржувањето на казната. Сите други осудени лица за кои се предлага амнестија, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Министерот за правда Биљен Саљији на седницата објаснил дека со предложениот текст на закон не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на  казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство извршено на свиреп или подмолен начин, убиство при вршење на семејно насилство, убиства со умисла при што е доведен во опасност животот на уште некое лице, убиства од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди.

Не се предвидува амнестија и за убиства по порачка, убиства на женско лице за кое знае дека е бремено или малолетно лице и убиства на судија, јавен обвинител или адвокат, при вршењето на неговата функција, односно дејност или службено или воено лице при вршењето на работите на јавната или државната безбедност или на должноста чување на јавниот ред, фаќање на сторител на кривично дело или чување на лице лишено од слобода. Овој член од Кривичнот законик, како што појаснил Саљији, се однесува и на лица осудени на затворска од најмалку десет години или со доживотен затвор за убиства со умисла на две или повеќе лица, за кои претходно не му било судено.

Амнестија не е предвидена ниту за сторителите на кривични дела против избори и гласање од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, за кривични дела против државата, за кривични дела злосторничко здружување, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право од Кривичниот законик на Република Македонија.

Според предложениот закон, ослободувањето од извршување на казна, односно амнестијата, ќе ги опфати лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се на издржување на казната затвор, вклучувајки ги и лицата кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија.

Како што информираат од Влада на РМ со овој предлог, амнестијата ќе ги опфати осудените лица кои на денот на влегувањето во сила на овој закон не започнале со издржување на казната затвор, а имаат конечна и правосилна судска одлука за упатување на издржување на затворска казна во казнено-поправните установи.

Предлог текстот на законот, појаснуваат од Владата, предвидува целосно да бидат ослободени од издржување на казната затвор и лицата осудени за дела кои на денот на влегувањето во сила на овој закон повеќе не претставуваат кривични дела.