Средба Заев-Тачи: Немаме отворени прашања, ново поглавје во соработката

Сподели со своите пријатели

Македонскиот премиер Зоран Заев по денешната средба со косовскиот претседател Хашим Тачи истакна дека се отвораат нови можности за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави  кои, како што оцени, немаат отворени прашања.

– Остваривме средба како лидери на две држави што немаат отворени прашања. Добивме силно охрабрување од претседателот Тачи да го реализираме тоа што го договоривме со премиерот Харадинај – Да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на нашите меѓусебни односи, рече Заев на прес-конференција по средбата со Тачи.

Loading...

Посочи дека заедно ги слушнале бизнисмените на двете држави и истакна оти со нивните сугестии се отвораат можности за нови работни места, што е особено значајно за младите. Ќе ги вложиме сите капацитети да го олесниме бизнисот со редуцирање на граничните и царинските процедури, најави Заев.

Со Тачи констатирале дека се отвораат добри перспективи за стратешките цели на двете држави во однос на заедничките евроатлантски аспирации за време на претседавањето на Австрија  и на Бугарија со Советот на ЕУ.

– Заеднички ќе се охрабруваме и помагаме во тој процес во однос на нашите отворени прашања – Република Македонија со Грција, и Република Косово со Црна Гора.  Се согласивме заеднички да упатиме порака до граѓаните на двете земји, во Македонија и во Косово, и тие да продолжат да го негуваат и продлабочуваат пријателството меѓу двете земји, истакна премиерот Заев, кој со средбата со Тачи ја заврши официјалната посета на Косово.

Извор: МИА