МОСТ регистрираше неправилности при гласањето во Куманово и Старо Нагоричане

Сподели со своите пријатели

Граѓанската асоцијација МОСТ регистрираше неколку неправилности при гласањето во втората изборна единица, односно во Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане.

На гласачко место 1152, општина Старо Нагоричане, иако слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот одбор не дозволил и на лицето му помогнал член на избирачкиот одбор предложен од политичка партија.

На избирачкото место 1086/1, општина Куманово, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче.

На избирачкото место број 1058, општина Куманово, во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. Бил опоменат од членовите на избирачкиот одбор. На истото место избирачкиот одбор не бил информиран дека поседува два изводи од Избирачкиот список. 6 луѓе кои не биле пронајдени во Избирачкиот список за граѓани кои се во РМ биле упатени во ОИК. Кога подоцна сфатиле дека има уште еден извод за граѓани кои се во странство и го провериле, пронашле 3 од 6-те лица на кои претходно не им било овозможено да гласаат.

Поради тоа, напоменуваме дека на гласачките места има два изводи од Избирачкиот список и доколку гласачот не може да се најде во списокот за граѓани кои се во РМ, избирачкиот одбор мора да го провери и изводот од избирачкиот список за граѓани кои престојуваат во странство. Доколку гласачот не може да се пронајде во ниту еден список, треба да се упати во подрачната канцеларија на ДИК за да провери дали може да гласа на тоа избирачко место или е запишан во друго.