МОН: За реформи во образованието отворивме широк консултативен процес

Сподели со своите пријатели

Во Министерството за образование и наука е формирана група која расправа за потребата од измена на Законот за високо образование, во која покрај останатите, е вклучен и претставник од СОНК. Неговото учество во досегашната работа на комисијата е суштинско, а не протоколарно, и го цениме посветениот придонес и ангажман на сите членови, вклучувајќи го и претставникот од СОНК, соопшти МОН откако денеска претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека со новиот состав на Министерството досега имале само една средба која била протоколарна. 

МОН во дописот наведува дека отворило широк консултативен процес во кој се вклучени претставници на синдикалните организации, наставничките и професорските пленуми, студентскиот пленум, граѓанските организации и експерти кои работат во областа на образованието.

– Што се однесува до реформите во основното и средното образование, во тек е процес на формирање повеќе работни групи кои ќе работат на реформите во одделенската настава, предметната настава и средното образование, вклучувајќи ги и законите коишто ја регулираат материјата во оваа област. Во овие работни групи отворени се вратите за сите организации, синдикати, пленуми, кои сакаат да придонесат за подигнувањето на квалитетот на образованието, кое беше срозено од претходната власт, пишува во реакцијата на МОН.

Во однос на тоа дали реформите во образованието ќе значат и намалување на бројот на наставниот кадар, МОН наведува дека тоа прашање било дискутирано и на средбата што ја имале со претставниците на СОНК и со другите синдикални организации, пленуми и граѓански организации каде што, нагласува МОН, беше јасно укажано дека намалувањето на бројот на предмети нема да значи и намалување на бројот на наставниот кадар.

– Министерството за образование и наука планира намалување на бројот на учениците во паралелките како една од мерките за подобрување на квалитетот за наставата. Исто така, планираме намалување на бројот на часовите на наставниците со поголем стаж заради создавање можност за нивно ангажирање како ментори на наставниците со помал стаж.  Се надеваме дека синдикатите, пленумите и граѓанските организации ќе работат со добра волја и ќе соработуваат меѓусебно, како и со Министерството за образование и наука, во процесот на реформи во образованието кои се, пред сè,  во интерес на учениците, пишува во известувањето на МОН по повод денешната прес-конференција на СОНК. 

Извор: МИА

Loading...