Јанева со налог за претрес и приведување на висок функционер на УБК

Сподели со своите пријатели

Неофицијално, повеќе медиуми објавија дека лицето од УБК по кое се трага е началникот на петтата управа Горан Груевски, кој во моментов не е достапен за СЈО, а полицијата го бара за да овозможи негово сослушување.

Има налог за претрес, издадена е и наредба за лишување од слобода и поднесен е предлог за притвор. Во текот на утрешниот ден ќе следат повеќе информации, потврдиле од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за порталот МКД.мк.

СЈО доставило барање до судијата на претходна постапка да даде налог за претрес во домот на Груевски со цел да се обезбедат докази, но судијата одбил, по што СЈО издало налог тој да биде обезбеден за распит. Се уште не се знае каде е осомничениот.

Горан Груевски е началник на петтата управа при МВР и близок соработник на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков. Пред осум месеци Јавното обвинителство заедно со Мијалков соопшти дека Груевски бил испитан во врска со аферата со прислушувањето. Потоа сите предмети преминаа во надлежност на СЈО.

На почетокот на објавувањето на т.н. бомби, во февруари 2015 лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција кажа дека поднеле кривична пријава против Горан Груевски, Сашо Мијалков и против непознат сторител. Тогаш Заев рече дека се работи за незаконско масовно прислушување од луѓе вработени во безбедносните служби на МВР, кога во период од неколку години биле прислушувани илјадници граѓани.

извор: МКД.МК