Земан: Руската агресија врз Украина ја загрозува безбедноста на целиот свет

Сподели со своите пријатели

Во своето денешно проштално обраќање до нацијата, чешкиот претседател Милош Земан предупреди дека руската агресија врз Украина ја загрозува безбедноста на целиот свет, изразувајќи надеж дека притисокот на „слободните земји“ ќе ја принуди Русија да се повлече од Украина.

Loading...

За време на божиќниот говор, кој го пренесуваа водечките чешки телевизии и јавниот сервис, Земан потсети дека е застапник за коректни економски односи со Русија, „пред се поради снабдувањето со релативно евтини енергетски суровини“.

„Сепак, постојат ситуации во кои економските интереси мора да отстапат место на безбедносните интереси. И безбедноста на целиот свет, значи и безбедноста на Чешка е загрозена од оваа агресија“, рече Земан.

Чешкиот претседател целосно ја поддржа финансиската, хуманитарната и вооружената помош што Прага и ја дава на Украина и изрази уверување дека притисокот на „слободните земји“ порано или подоцна ќе ја принуди Русија да се повлече од Украина.

Со кратко резиме на годината на крајот, Земан најголемиот дел од своето обраќање го посвети на својата политичка кариера, бидејќи на 8 март, кога му истекува вториот претседателски мандат, последниот дозволен со Уставот, тој се пензионира по 32 години во политиката.

Од долгата политичка кариера, во која имал различни функции на државниот врв, меѓу кои и претседател на парламентот, премиер и прв директно избран шеф на државата во два мандати, Земан како успеси го издвоил влезот на Чешката Република во НАТО, завршувањето на изградбата на нуклеарната централа Темелин и три реформи.

Меѓу тие реформи се и создавањето регионална самоуправа, укинувањето на воениот рок и приватизацијата на банкарскиот сектор.

„Десетици илјади млади луѓе повеќе не мора да служат војска, а технолошки напредната армија ја опслужуваат професионални војници. Државните банки беа оптоварени со лоши, често политички мотивирани заеми и беа на работ на банкрот. Сега банкарскиот сектор е здрав, можеби и претерано здрав“, рече Земан за двете реформи од времето кога беше премиер, од 1998 до 2002 година.

Loading...

Заедно со посетата на Словачка, со која традиционално го започнуваат и завршуваат мандатот сите политичари во чешкиот државен врв, Земан најави дека сака да ја посети и Србија, планирана за крајот на јануари или почетокот на февруари.

Земан потоа ќе присуствува на отворањето на Чешката куќа во Белград, што му го вети српскиот претседател Александар Вучиќ при неговата посета на Прага минатиот мај.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.