Во организација на Здружението на Срби „Мир, слога, стабилност“, денеска во Куманово се одржа собир за поддршка на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Собирот започна на градскиот плоштад, од каде присутните се упатија кон српскиот конзулат кај кружниот тек на булеварот „Трета МУБ“.

Под слоганот „Србија победува“, учесниците истакнаа дека со собирот сакале да изразат поддршка за политиките на српскиот претседател и за, како што наведоа, развојот што Србија го постигнала во изминатите години.

Милена Величковиќ, од здружението, изјави дека најголем дел од присутните се припадници на српската заедница во Македонија, но дека на собирот имало и Македонци кои ја поддржуваат политиката на Вучиќ.
– Сите ја пратиме неговата политика и неговите дејствија и го поддржуваме, гледаме за развојот којшто го направи за Република Србија и тука сме како еден вид на националност, како здружение на Срби, да дадеме еден вид на поддршка и почит спрема неговите делувања, изјави Величковиќ.

Осврнувајќи се на реакциите во јавноста околу организацијата на собирот, таа нагласи дека не станува збор за мешање во внатрешните работи на Македонија.
– Нашата порака не е за тука, не е за внатре во државата. Нашата порака е за она што ние го чувствуваме како наша татковина. Значи ја сакаме Србија, но подеднакво ја сакаме и Македонија. Ние живееме, дејствуваме и работиме тука. Немаме апсолутно никакви погрешни конотации коишто се извадија од контекст. Напротив, шириме љубов, шириме среќа и радост, рече Величковиќ.

Еден од учесниците на собирот, Манце Ѓорѓевиќ, порача дека поддршката е насочена кон мирот и стабилноста во регионот.
– Тука сме да дадеме поддршка на претседателот, тој е претставник на српскиот род и да дадеме поддршка да биде мирно и да има просперитет на Србија и српската околина, Македонија и Република Српска. Во Македонија да се биде Србин е релативно добро. Никогаш не сме имале проблеми со Македонците и ќе даде Бог така да остане додека постоиме, изјави Ѓорѓевиќ.









Никола Ивановски

