Заврши 44. Ликовна колонија „Куманово“ (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Четириесет и четвртото издание од ликовната колонија „Куманово“ вчеравечер и официјално заврши, а шеснаесетте ликовни уметници од земјата и странство оставија зад себе над 35 дела.

 

Loading...

 

Колонијата ја организираат Националната Установа Музеј и Општина Куманово, а уметниците твореа под инспирација на природните убавини на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце.

– Работеа во различни техники, дисциплини и возрасти и тоа е целта на оваа колонија, да разменат искуства учесниците меѓусебно, да видат кој како работи. Насликани се или фондот на нашата збирка ќе се збогати со над 30 дела. Секоја година правиме изложба од оваа колонија и таа ќе биде наредната година пред почетокот на следната ликовна колонија, изјави Богдан Таневски, директор на НУ Музеј Куманово.

 

 

Уметниците твореа од 4. до 10. август, а освен од Македонија, твореа уметници од Бугарија, Србија и Романија. Како што информираше Драгана Спасковска, кустос во кумановскиот музеј, изработени се уметнички дела во различни сликарски техники.

– Уметниците покажаа исклучива професионалност и голем анажман околу работата. Задоволни сме од продукцијата и во смисла на квалитет и квантитет, како организатори Националната установа Музеј Куманово и Општина Куманово, оваа година анимиравме млада и најмлада група ликовни автори, се со цел да допреме до најновите тенденции кои се случуваат на ликовната сцена во Македонија и пошироко и на еден начин да инвестираме во иднината. Се гледа една погата лепеза на различни ликовни изрази во кои ги препознаваме автентичните ликовни изрази на авторите кои не отстапија од своите иконографии и препознаваме, како и секоја година, рефлексии од амбиентот на уметниците каде престојуваат, особено како пејсажот како жанр, рече Спасковска.

 

Loading...

 

Дел од оваа ликовна колонија беше и српскиот академски сликар Милосав Урошевиќ од Панчево, кој веќе триесетина години се занимава со уметноста. Во Пелинце творел во техниката пленер.

– Пред четири години доаѓав и тогаш се претставив со некои автопортрети и психолошки портрети, а овој пат се определив за пленер и направив неколку слики од оваа опкружување и амбиент. Многу сум задоволен со односот на домаќините кон нас гостите и вниманието кое ни го посветија, а и продукцијата беше прилично добра, и останатите колеги доста направија. На некој начин заминуваме многу задоволни со примеот и односот кај нас. Инспирацијата е опкружувањето, реката Пчиња, небото кое сепак е јужно и топло и тоа на некој начин е определување кога ќе се најдете во простор кој ве импресионира тогаш и ќе се занимавате со тој простор, изјави Урошевиќ.

 

 

Бисер Јулијанов Кирилов е дел од помладата група уметници и доаѓа од Бугарија. Веќе втор пат учествува на Ликовната колонија „Куманово“, а уметноста ја учи од осум години.

– Пред две години бев и тогаш ми беше прв пат да престојувам тука. Сега сликав панорама, пејсаж „Подводна љубов“, затоа што пејсажот го гледаш од под вода, светлината од небото и дрвјата, а техниката е акрил на платно. Главно природата беше инспирацијата, а сега имаше многу места покрај реката, каде останував со часови да правам скици и да сликам, изјави Јулијанов Кирилов.

 

 

На официјалното затворање на програмата од овогодинешната колонија пред уметниците се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски, кој информираше дека низ годините се направени над 850 уметнички дела.

– Голема беше честа да се биде домаќин на еден ваков настан. Ја користам оваа прилика да ви се заблагодарам за сето она што низ вашата креативна мисла преточено во уметнички дела го оставивте како траен белег на вашето творештво. Во овој прекрасен амбиент на нашето Пелинце, темпераментната Козјачија, создадовте дела инспирирани до вашето 10-дневно секојдневие, рече Димитриевски пред уметниците.

 

Loading...

 

Интернационална по својот карактер и меѓу најстарите ликовни колонии во државава, „Куманово“ повеќе од четири децении се оддржува на различни локации, почнувајќи од манастирот Прохор Пчињски, манастирот во Матејче, а последниве години домаќин е Пелинце. Досега на Колонијата учествувале околу 500 уметници  од светот кои оставиле преку 1.500 дела.

Leave a Reply