Време е за трајна промена!

Сподели со своите пријатели

Македонија  во моментов наликува на гробница полна со живи луѓе. Нашите гробови не се од земја. Нашите гробови имаат ѕидови. Имаат и кревети кои од старост “врескаат” додека седиме на нив. Нашите гробови имаат и стари плакари полни со стара облека од некоја си втора класа.

Нашите гробови имаат и комода за телевизор на кој ги гледаме оние кои таму не закопаа. Таа комода има стари фиоки кои тешко се отвараат, а во нив има неплатени сметки, опомени од извршители, докторски наоди, разни упати и лекови.

Зошто копаат живи луѓе? Ги копаат бидејќи не сакаат да умрат. Ги копаат бидејќи веќе не сакаат да молчат. Копачот е во рацете на неписмените, а лопатата во рацете на корумпираните и најлошо од се – споменик ни подигаат најглупавите меѓу нас, и тоа на oнoj мал мермер на кој пишува: “невработен”, “иселен”, “не е наш”. За нив пак има поголема плоча-биста на која пишува:”директор”, ”началник”, ”министер” или онаа наменета за тоталните паразити: “син на тој и тој”.

За добрите и големите луѓе се најголемите погреби. На нивниот погреб доаѓаат сите кои молчат, сите кои се збунети, сите уценети и уплашени. Тие мислат дека само присуствуваат на погреб на добрите и големите, но всушност тие чекаат ред.

Што ќе правиме сега? Закопани и опеани. Не влијаеме на ништо. За ништо не не прашуваат.

Ние моментално скапуваме во нашите добро конектирани гробови. Целата енергија што треба да се изрази на улица и преку БУНТ ја трошиме по Фејсбук статуси, коментари на Твитер и разни текстови… Зарем така ЗАСЕКОГАШ? Зарем тоа е доволно?

Време е да почнеме да гребеме за да почнеме да излегуваме од земја. И онака валкани, без да напраиме пауза да им помогнеме на другите да го видат светлото.

Нивната сила е нивното единство. Дното и талогот се секогаш едно до друго.

Да се обединиме заедно и НИЕ, да се организираме и да најдеме некој кој нема да не води во рециклирање на минатото. Да покажеме дека се разликуваме од нив.

Мој предлог за првите чекори е да престанеме да гледаме турски серии, да му кажеме НЕ на турбо фолкот, да ги бојкотираме “смоки” телевизиите и да се завртиме кон правите европски вредности.

ДА СТАНЕМЕ… ВРЕМЕ Е ДА ЈА ИСКОПАМЕ МАКЕДОНИЈА !

ВРЕМЕ Е ЗА ТРАЈНА ПРОМЕНА !

Колумна на Емил Ташевски, дипломиран инжинер по информатика