Во петок се отвора биеналната изложба на графики „Кумановски графичари 2021“

Сподели со своите пријатели

Во петок со почеток во 19 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена биеналната изложба на графики „Кумановски графичари 2021“.

Loading...

На изложбата учество ќе земат академските графичари: Зоран Јакимовски,  Мирослава Цветковиќ, Стефан Јакимовски,  Ханифе Ислами,  Александар Стефановски , Милена Арсовска,  Валентина Илијевска, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Стефан Анчевски и Дејвид Стоилковски.

Изложбата содржи дваесеттина графики од најновата продукција на гореспоменатите графичари, работени во повеќе графички техники.

Изложбата на графики „Кумановски графичари 2021“ и покрај бројните проблеми со графичката продукција и сложените услови на делување во пандемиска криза сепак ќе ги израдува љубителите на графиката и ќе биде промовирана во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Замислена како биенално претставување на најновите графички остварувања на кумановските академски графичари, изложбата, за жал го изгуби чекорот на двегодишно промовирање на оваа актуелна гранка од областа на визуелните уметности.

Причините се првенствено предизвикани од пандемиската криза но и од намалената графичка продукција. Сепак, направените напори вродија со плод и успеавме да собереме една колекција од дваесеттина не излагани графички листови од 11 автори.

Застапени се повеќе класични графички техники иако се забележува придвижување кон дигиталниот печат – техника којашто веројатно ќе доминира во претстојниот период. Со ова овозможивме континуитет на овој успешен серијал на афирмација на кумановските графичари претставувајќи им го актуелното творештво на ликовната критика и пошироката публика.

Се надеваме дека деветтото издание на „Кумановски графичари“ ќе предизвика интерес кај пошироката медиумска јавност и ќе ја актуализира важноста на современата македонска графика.

Loading...

Изложбата ќе биде поставена до 09.12.2021 г. а потоа ќе биде презентирана пред љубителите на графиката во Неготино.

Пишува: Роберт Цветковски, историчар на уметноста