„Вечер со музиката на Трајко Прокопиев“ вечерва во НУЦК

Сподели со своите пријатели

Во малата сала на НУ Центар за култура во Куманово  вечерва ќе се слуша музиката на Трајко Прокопиев, на посебна вечер посветена во негова чест, а во рамки на програмата за одбележување на 500-годишниот јубилеј на градот.

Loading...

На концертот ќе настапат Хорот на наставници „Рацин“ при ООУ „Кочо Рацин“ Куманово, хорот „Св. Злата Мегленска“ од Скопје, како и ХМД „Кочо Рацин“ од Скопје.

Концертот започнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.

ТРАЈКО ПРОКОПИЕВ е роден на 06.11.1909 во Куманово, дипломира на Музичката школа во Белград 1934, станува прв директор на Средното музичко училиште во Скопје, 1944; за да продолжи со школувањето на Прашкиот конзерваториум 1946-47.

Работи како началник на музичката програма на Радио Скопје и диригент на Симфонискиот радио оркестар, а 1948 како диригент на Хорот “Кочо Рацин” ја добива наградата на Министерството за просвета и култура за композицијата “Ленка”. Од 1949 до 1959 работи како оперски диригент, диригирајќи повеќе оперски изведби (“Продадената невеста” од Сметана, “Трубадур” и “Риголето” од Верди, “Севилскиот бербер” од Росини и балетот “Копелија” од Делиб).

Во 1963 станува директор на Ансамблот на народни песни и игри на Македонија и во тој период ќе се сретне со Шостакович во Ленинград.

Во 1967 година ја добива Октомвриската награда на РМ за животно дело, а 1969 со Хорот “Кочо Рацин” ја освојува првата награда на 13-ти Интернационален фестивал на хорови во Горица, Италија.

Во 1975 се пензионира, а во 1977 ја добива наградата АВНОЈ за музика. Оркестрацијата за операта “Кузман Капидан” ја завршува 1978, а во 1979 умира во Белград. Со богатото петдецениското творештво кое влегува во историјата на музичката литература на помладата македонска музичка култура, со компонирањето на вредни дела како што се: хорските композиции “Ленка”, “Кумановка од 1-4”, “Илинденка”, “Очи”, “Свадбарска”, “Туѓина”, “Роса”, “Ракатка 2” и др. Балетот “Лабин и Дојрана”, антологиските опери “Разделба” и “Кузман Капидан”, филмските музички дела за “Чорбаџи Теодос”, “Бегалка”, “Илинден 1903”, “Комитска легенда” и многу други камерни композиции, сите тие базирани на теми и ритмички структури на богатото македонско фолклорно наследство, Прокопиев станува препознатлив и влијателен композитор чии дела биле оценети од своите современици со највисоки оценки.

Loading...

Од денешна перспектива неговиот композиторски опус добива уште повеќе на значење, посебно заради тоа што во неговата активност ја препознаваме желбата за создавање на автентична македонска сериозна музика која би била препознатлива во Европа и светот.

Оваа година одбележуваме 110 год. од раѓањето и 30 години од смртта на великанот на современата македонска музика, композиторот Трајко Прокопиев – патронот на кумановскиот Центар за култура.

Leave a Reply