Вчерашниот петчасовен прекин на огнот не донесе мир во Источна Гута

Сподели со своите пријатели

Петчасовниот прекин на огнот, што стапи вчера, не донесе многу мир во сирискиот регион Источна Гута, кој е под контрола на бунтовниците.

Прекинот на воените дејствија од 9 до 14 часа по локлано време беше нареден од Русија, со цел да се испорача хуманитарна помош и да се евакуираат цивилите и повредени од енклавата, но спротивставените страни речиси веднаш меѓусебно се обвинија за нарушување на хуманитарната пауза.

Во артилериски напад загинало едно дете и биле повредени 17 лица, информира Сирискиот центар за мониторинг на човековите права со седиште во Велика Британија. Центарот исто така соопшти дека кусо пред истекот на хуманитарната пауза, биле извршени воздушни напади во некои делови на Источна Гута.

Сириските државни медиуми јавија дека во артилериски напад на бунтовниците врз Дамаск загинало едно, а биле повредени пет лица.

Престрелки имало и на хуманитарните коридори за да се спречат цивилите да ја напуштат енклавата. Воен извор за ДПА изјавил дека 15 амбулантни возила и 10 автобуси чекале на периферијата на Источната Гута и преку звучници ги повикувале бунтовничките фракции да дозволат евакуација на цивилите. Бунтовниците, сепак, не им дозволиле да ја напуштат областа, соопштил извор од ОН.

Бунтовниците истрелале пет гранати врз пункт кој бил предвиден за извлекување на цивили и болни лица, соопшти истиот извор. Во престрелката загинале три сириски војници./МИА

Leave a Reply