УХМР: Топла и влажна пролет, но и потопло лето

Сподели со своите пријатели

Според анализата за сезонските изгледи на времето за период пролет-лето 2016 година извршени од страна на Управата за хидрометеоролошки работи, кон крајот на март и почетокот на април се очекува повеќе сонце и потопло време со помалку облаци и ветер, односно налик на пролет.

Овој тренд на постепено зголемување на температурите на воздухот ќе продолжи и текот на целиот месец, но и понатаму ќе има периоди со променливи временски услови,  вообичаени за април. Снежната покривка во западните планински области во Македонија и температурните контрасти, не ја исклучуваат можноста за повремени локални влијанија на времето со појава на облаци, ветер и врнежи. Затоплувањето во почетокот на овој месец во комбинација со топењето на снегот и евентуалните врнежи можат да предизвикаат и локални излевања на реките во западна Македонија.

Од крајот на април кон мај, ќе продолжи трендот на пораст на дневните температури, т.е. сонце во комбинација со можна попладневна атмосферска нестабилност и влажни процеси во атмосферата посебно во текот на мај. Во првата половина на летото се предвидува поголемо влијание на субтропскиот појас на висок притисок, и циклуси со поинтензивна топлина во јужна Италија и во јужниот дел на Балканот. Распоредот и динамиката на воздушните маси од Средоземното Море, ќе влијаат на создавање на фронтални и олујни системи со грмотевици, од јужна Франција преку северниот дел на Италија во северниот дел на Балканскиот Полуостров. При тоа загреаниот и влажен Медитеран, ќе создаде поволни услови за иницирање и развој на грмотевични облаци, кои ќе бидат проследени со силен ветер, појава на молњи, град и локални поплави. И на крајот за пошироката јавност, предвидувањата во текстуална и симболична форма се следни:

Во првата декада на април иако потопло и релативно посуво во основа температурите и врнежите ќе бидат во рамките на просекот, но сепак не се исклучени периоди со променливо време, вообичаено за април.

Малку потопол, и за нијанса повлажен ќе биде месецот мај, со повремени, попладневни циклуси со врнежи и грмежи, карактеристични за мај. Почеток на летото ќе биде со повисоки температури од просечните и врнежи во рамките на просекот. Потопол и малку посув според метеоролозите ќе биде месецот јули, а не се исклучува и појава на топли бранови. Веќе август се очекува да биде потопол, просечно влажен, не се исклучуваат повремени локални дестабилизирања на атмосферата, со развој на грмотевични облаци. Просечен септември со сонце, топлина преку денот, и релативно свежи утра и ноќи.

Инаку, Управата за хидрометеоролошки работи од минатата година, воведе сезонските изгледи за времето, како новина во својата оперативна пракса. Поради брановата природа на атмосферските процеси и нивната нелинеарност-сезонските информации за времето претставуваат само изгледи, т.е. своевидна проекција за можниот развој на времето. Затоа истите би требало да се сфаќаат со помала доверливост, како можна временска рамка или ориентациона информација за одликите на времето во претстојната сезона пролет-лето 2016 година, велат од УХМР.