Техничар за хортикултура-нов профил во кумановското стручно училиште “Киро Бурназ“

Сподели со своите пријатели

Средното стручно училиште „Киро Бурназ“ од Куманово од  оваа година на деветоодделенците им нуди нов профил кој можат да го одберат при избор на средно образование „техничар за хортикултура“, соопштија денеска одговорните од училиштето. На овој нов профил ќе можат да се запишат ученици за една паралелека. Училиштето доставило барање до Министерството за образование и наука, кое им одобрило формирање на нов профил. Паралелеката ќе биде формирана,согласно потребите на локалниот пазар на трудот за дејноста хортикултура.

„Согледувајќи ги потребите од стручни кадри во нашиот град и  недостатокот од стручни лица во областа на цвеќарството, првенствено а и во други градинарски култури, но и соочувајќи се со интересот на голем број основци со кои разговаравме во текот на презентациите на нашето училиште,    со задоволство можеме да кажеме дека од оваа учебна година ќе им излеземе во пресрет на нивните желби и во нашето училиште ќе можат да се образуваат за идни техничари за хортикултура“-изјави, директорката на училиштето, Весна Трајковска.

Во програмата за изучување во поголем дел, покрај општообразовните предмети, учениците  ќе изучуваат стручни предмети и  ќе имаат практична настава, која  ќе се реализира во рамки на училиштето кое располага со одредено земјиште, но во најголем процент практичната настава ќе се одвива во работните организации кои се занимаваат со оваа дејност.

„Ова ќе биде прва генерација на ученици кои ќе го завршат овој профил, па затоа и нивните можности се многу поголеми по завршување на училиштето во однос на вработувањето . Освен што полесно ќе можат да најдат работа, ќе можат и сами да отворат свој  сопствен бизнис и да напредуваат во работењето, затоа што реалните потреби на нашиот град се навистина  големи  за вакви кадри од областа на хортикултурата“- додава Трајковска.

По завршување на училиштето посочуваат одговорните од „Киро Бурназ“,  учениците имаат можност да го продолжат своето образование на високо образовните институции,  но истовремено ќе можат да се вработат во својата струка,  и да ги задоволат потребите на компаниите од оваа дејност за стручен и квалифициран кадар. 

Leave a Reply