СВР Куманово ќе организира трибини за заштита од злоупотреба на дрога

Сподели со своите пријатели

Отсекот за превенција од СВР Куманово најави дека во наредниот период ќе одржи повеќе трибини со младите лица од општините од Североисточниот регион на тема „Злоупотреба на дрога, штетно влијание, последици, навремено препознавање, помош и заштита“.

Раководителот на отсекот, Виолета Богдановска, денеска информираше дека ваква трибина ќе се одржи задутре на плоштадот во Кратово со почеток во 11:00 часот во соработка со Црвениот крст, лекари и општина Кратово. На трибината за штетните влијанија од злоупотреба на дрога ќе зборува доктор Мице Дудучки, а волонтерите од Црвениот крст ќе организираат показна вежба „Симптоми и прва помош на предозирано и лице во кризна состојба“.

Отсекот за превенција од СВР Куманово ќе организира и предавања на тема како да се заштити личниот имот во текот на летниот период и турнир во шах со симболична порака „Повлечи потег заштити се навреме“ на која ќе бидат посочени превентивните мерки за заштита од тешки кражби од куќи и станови, измами, безбедност во сообраќајот. Екипите на Црвениот крст со свои активисти преку показна вежба ќе укажат на последиците од непочитување на сообраќајни правила и прописи и ќе демонстрираат прва помош при сообраќајна незгода.

– Целта на ваквите јавни настани и трибини е да се анимира пошироката јавност да се привлече вниманието на случајни минувачи, граѓаните и пред се младите лица како да се заштитат и едуцираат и од злоупотреба на дрога, но и за навремено преземање мерки за заштита на личниот имот и безбедност во сообраќајот во текот на летниот период, изјави Богдановска.

Вакви трибини веќе се одржаа во Куманово и Крива Паланка. На почетокот од септември во Куманово ќе се одржи и трибина за заштита од злоупотреба на дрога.

Leave a Reply