Спорт Медиа: Ако зборуваш кумановски нема влез во салата во Гевгелија (фото)

Сподели со своите пријатели

Голем метеж се направи пред салата „26 април” во Гевгелија пред третиот четвртфинален меч помеѓу Куманово и Работнички од завршниот турнир од Купот на Македонија, откако редарската служба заедно со полицијата реши да забрани влез на секој кој зборува со кумановски дијалект или, пак, во личната карта му пишува дека е од овој град на северот од Македонија, пишува порталот СпортМедиа.мк.

Додека траеја објаснувањето со редарите, пред салата се собраа 10-15 кумановски вљубеници на кошарката, кои сакаа да влезат без никакви клупски или навивачки обележја како симпатизери на клубот од својот град, но и како луѓе кои го сакаат спортот со портокаловата топка. На тоа им беше одговорено дека организаторот и федерацијата договориле да нема навивачи од други градови, на што повторно не помогнаа апелите дека никој од присутните нема врска со „Кумани“ и дека тоа што им се прави е чиста дискриминација.

„Зошто нѐ третирате како миграnти во сопствената држава и зошто некој се дрзнал да им забрани на луѓето од Куманово да гледаат кошарка во Гевгелија? Пет години ги следам моите миленици речиси на сите средби низ Македонија, но ова е првпат да не бидам пуштен во салата. И тоа со уредно купен билет“, изјави еден од кумановците кои беа спречени да влезат во салата.

Преговорите и убедувањата траеја десетина минути по што на сцена стапија припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР) кои од одговорното лице добија наредба да формираат кордон и да ги оддалечат „непожелните“ кумановци подалеку од влезот во салата.

„Ако веќе не бркате, тогаш барем вратете ни ги парите. Но, и тоа е премалку бидејќи сите направивме дополнителнипатни трошоци. Ова е срамота за сите, пред сѐ за тие што донеле ваква дискриминирачка одлука“, дополнува друг вљубеник во кошарката.

Одлуката на која се повикуваат редарите и полицајците е дека клубовите нема да може да носат организирани навивачки групи со оглед на фактот што салата во Гевгелија има само една трибина па нема да може да се осигура нивнo безбедно присуство. Но, проблеми со влез во „26 април“ покрај горе споменатите кумановци имаа дури и сопругите и роднините на тренерите и играчите на Куманово, кои немаат никаква врска со навивачки групи, а кои потоа беа внесувани од задни влезови.

Текст и фотографија: СпортМедиа.мк