Сара од Куманово со целосна стипендија ги продолжува постдипломските студии во САД

Сподели со своите пријатели

Сара Симоновска од Куманово живее и студира во САД каде беше и прогласена за најдобар студент. Средно образование заврши во музичкото училиште „Interlochen“ и студира ударни инструменти. За неколку дена ќе стане дипломец на Универзитетот Џексонвил, Флорида кој го заврши со целосна стипендија во вредност од 50.000 денари.

Благодарение на одличните резултати од студирањето, Сара аплицирала на повеќе универзитети за постдипломски студии, а голем дел од нив ја прифатиле нејзината апликација. Сепак со стипендија од Универзитетот во Охајо наскоро ќе ги започне и мастер студиите.

Тоа беше и повеќе од доволен повод да направиме кратко интервју со нашата успешна сограѓанка која храбро чекори кон врвот на светската музика.

КМ: Беше прогласена за најдобар студент на Унвиерзитетот Џексонвил, наскоро и ќе дипломираш. Какво е чувството да се биде прва кумановка со диплома од овој престижен универзитет?

Сара: Знаејќи дека секој вложен труд  на крајот се исплати, чувството преостанува да бидне прекрасно.

КМ: Имаше и свои солистички концерти низ Америка во изминатиот период. Како си задоволна, како те прифаќа публиката тебе и твојата музика?

Сара: Од мојата интерпретација оваа година сум доста задоволна. Свирев тежок материјал од разни композитори, и секако секое дело си бараше посветеност. Публиката ужива најчесто во полиричнити инструменти, како на пример маримба, но најголемото внимание сум го забележала  кога ќе се затропа нашиот тапан.

 

Loading...

 

КМ: За неколку дена ќе имаш диплома во рака од еден од најтешките и најдобрите факултети во светот. Како Сара наоѓа време и за учење и за настапи. Веројатно твоите сограѓани ќе се прашаат „Има ли девојкава време за себе?“.

Сара: Аххх, кога се сака и мора, се може. Немав доволно време за учење во периодот кога аплицирав за аудиции и спремав свој концерт, имав проби и концерти во касни саати, а вежбањето го оставав за рано сабајлечки. Пишував и читав најчесто на мојата тераса, каде што сум подалеку  од инструментите.  Време за себе доволно немав, али затоа сега си надокнадувам бајаги!

КМ: Секако музиката е твојот свет, но како се гледаш себе си по заршувањето на образованието?

Сара: По завршувањето се гледам како солист со разни оркестри ( ширум светов се надевам ) и како педагог. Сакам своето знаење да го пренесам на што е можно повеќе млади.

КМ: Дали Сара од мали нозе знаеше што ќе стане кога ќе порасне? 😀

Сара: Не знаев… Се двоумев помеѓу медицина и музика, но ете музиката победила.

КМ: Каде ќе го продолжиш животот и кариерата? Македонија или сепак далеку од дома?

Сара: Кариерата ја продолжувам сеуште во Америка. Добив целосна стипендија на универзитет во Ohio, каде што ќе ги започнам моите постдипломски студии во Август.

КМ: Можеш ли да ни дадеш кратка споредба образованието таму и кај нас, но и професијата музичар во САД и Македонија сигурно има значајни разлики?

Сара: Образованието тука е многу поразлично. Се избегнува таа студентска тензија. За секој тест е кажано доволно пред време и најчесто тестовите се прегледани компјутерски. Најважното од Македонија, прашањето “Чие дете е” непостои. Овде има многу поголеми можности за успех бидејќи  државата е преголема , но и секој квалитет се почитува рамноправно.

КМ: Едно „врапче“ ни дошепна дека наскоро може да очекуваме твој настап и во татковината. Колку има вистина и кога ќе можеме да уживаме во твоите музички квалитети?

Сара: Ах тие “врапчиња…” Да, летово ќе имам свој солистички концерт во Скопје за време на Скопско лето. За конкретен датум се уште не знам, но највероватно ќе биде на крајот на Јуни или Јули.

 

 

КМ: Да не звучиме многу остро, но ти си доказ дека трудот повеќе се цени некаде далеку од родниот крај, да останеше во Македонија кон што ќе се насочеше?

Сара: Во Македонија учев музика, така да сепак ќе се одлучев да го завршам и дипломирам истото. Ако не најдов работа во мојот смер, сигурно ќе запишев медицински факултет.

Една порака до твоите врсници, но и оние помлади од тебе кои сакаат да се занимаваат со музиката?

Сара: Можете да ја сакате својата држава и бидете патриоти и од далеку. “Украдете” нешто од друга држава и вложете го во нашето образование и нашите квалитети. А за помладите што се занимаваат со музика, ако ја сакате музиката онолку колку што сакате да дишете, вежбајте! Трудот секогаш ќе се исплати.

Leave a Reply