Регионални натпревари од областа на сообраќајот во Куманово

Сподели со своите пријатели

По 56. Пат денеска во ООУ „Толи Зордумис“ се одржаа два регионални натпревари од областа на сообраќајот, а во организација на Секторот за внатрешни работи, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Секторот за образование.

Учениците од пет основни училишта учествуваа во натпреварот „Детски семафор“, возејќи велосипеди, додека средношколците се натпреваруваа со моторцикл во натпреварот „ Сообраќајно техничка култура за млади“. И едните и другите претходно го покажаа своето познавање на сообраќајните правила и знаци преку електронски тест.

– Целта на натпреварот како и на сите други превентивни и едукативни кампањи е подигање на јавната свест за безбедно учество во сообраќајот, почитување на сообраќајни правила и прописи, почитување на сите учесници во сообраќајот и секако подигање на јавната свест за што поголема сообраќајна култура, почнувајќи од најмала возраст. Овде целна група се ученици од петто одделение до матуранти, изјави Виолета Богдановска, раководител на Отсек за превенција при СВР Куманово.

Манифестацијата во изминатите години го носеше името Пионерски семафор, но традицијата како што истакна Богдановска не е нарушена ниту 55 години подоцна.

– Претходно на општинските натпревари имаа право на учество сите основни училишта од Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка и Кратово. Во рамки на секој општински совет за безбедност во сообраќај на патишта изберена е по една екипа како најдобра која денеска учествува на регионалниот натпревар, објаснува Богдановска.

Најдобрите екипи од денешниот регионален натпревар, ќе учсетвуваат на државниот кој на 20 април ќе се одржи во Скопје.

Leave a Reply