РЕАКЦИЈА ОД РОДИТЕЛИ: Самовластие на градскиот базен во Куманово

Сподели со своите пријатели

На нашата мејл адреса пристигна писмо од изреволтирани родители чии деца се членови на дел од пливачките клубови во градот и ги користат услугите на Затворениот градски базен.

Како што пишуваат, вчеравечер им било соопштено дека ако сакаат да им асистираат на децата во пресоблекувалните кои имаат потреба од такво нешто, треба да платат билет од 100 денари.

Писмото од родителите ви ја пренесуваме во целина:

Оваа писмо го пишуваме како реакција на синоќешниот немил настан на Градскиот базен во Куманово. Како родители на деца кои се ученици во пливачките клубови кои работат на базенот, секој месец плаќаме по ок. 1800 денари за таа активност. Има деца од сите возрасти, меѓу кои и помали, од 4-6 години, на кои им е неопходна родителска асистенција во пресоблекувањето и облекувањето во соблекувалните. Но, на синоќешниот тренинг ни беше соопштена една бизарна одлука: доколку сакаме да го придружуваме детето во соблекувалните, односно да го соблече, а по тренингот да го облече и избрише родител, мора да се плати и ВЛЕЗ во соблекувална за самиот родител (!) од 100 денари за секој тренинг. Тоа значи дека, за три тренинзи неделно, односно 12 месечно (колку што имаат децата), треба да се доплатат уште 1200 денари, што значи наместо 1800, тренингот сега ќе не чини 3000 денари!!!!. Кога прашавме поради која причина е донесена одлуката, никој не знаеше да одговори, само рекоа дека тоа е одлука на директорот Даниел. Без одговор останаа и на прашањето која е логиката да се наплаќа влез во соблекувална за родител, односно кои капацитети на базенот користи родител кој му помага на детето при облекувањето? Како нивна помош се понудија да им асистираат на децата при облекувањето, соблекувањето и бришењето со пешкир! Затоа, како родители и жители на општина Куманово, сакаме да прашаме:

– За кого постои базенот, ако не за нас и нашите деца? Дали забораваат дека тој е општо добро, а не приватен базен на управата која го раководи? Дали се свесни дека граѓаните на Куманово го имаат изградено објектот?

– Дали некој од вработените навистина се осмелува да соблекува, облекува и брише со пешкир деца од 4-6 г. возраст и тоа во исто време, без да помисли дека чекањето во ред за такво нешто (има барем 6-7 деца на таа возраст во групите) може да доведе до хипотермија, настинки и сл.? И што е најважно, дали е свесна управата на базенот за огромниот ризик од педофилија, сексуални злоупотреби на децата и други психофизички проблеми до кои може да дојде ако детето од предучилишна возраст го оставате голо на непознат човек?

-И најпосле, која е логиката на оваа нивна математика, односно каква услуга користи родител кој ќе влезе да му помогне на детето во соблекувална, а не е покриена со месечната карта за тренинг на детето?

Искрено се надеваме дека ќе добиеме извинување од директорот и дека ќе продолжиме децата да ги водиме на градскиот базен, затоа што веќе имаат всадена љубов кон тој спорт. А тоа беше и примарната цел за која што се изгради базенот – стои во реакцијата од родителите.

Изнесените ставови во писмото, не се ставови на редакцијата на Кумановски Муабети!

Leave a Reply