Втората фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово е во тек, информираше градоначалникот Максим Димитриевски, посочувајќи дека на терен интензивно се одвиваат градежни активности за целосна обнова на оваа значајна сообраќајница.
Во моментов се работи на отстранување на постојната асфалтна конструкција и рабниците по целата ширина на улицата, по што ќе следува изградба на атмосферска канализација – еден од клучните сегменти на проектот.

Паралелно со тековните активности, веќе е воспоставен и времен режим на сообраќај, при што движењето на овој потег од градот се одвива отежнато.
Пристапот за возила е ограничен, особено на делницата од улицата „100“ до кружниот тек, каде што се изведуваат најобемните зафати.

Надлежните апелираат до граѓаните за трпение и разбирање додека трае реализацијата на проектот.
Дополнително, за потребите на градежните работи, дел од неизградените парцели во близина на градинката „Ангел Шајче“ се користат за привремено складирање на материјали, со обврска по завршувањето на работите тие да бидат вратени во првобитна состојба.

Станува збор за инвестиција финансирана од Светска банка преку Министерството за транспорт, со цел долгорочно подобрување на инфраструктурата и условите за сообраќај.
Реконструкцијата на „Моша Пијаде“ претставува дел од поширок инфраструктурен зафат кој предвидува целосна модернизација на улицата.

Освен нова асфалтна подлога, проектот вклучува и изградба на нова атмосферска канализација, обновување на подземната инфраструктура, нови тротоари, како и уредување на паркинг-простор и поставување урбана опрема.

Од Општина Куманово најавуваат дека граѓаните ќе бидат навремено информирани за текот и динамиката на наредните фази, со цел проектот да се реализира во предвидениот рок и без дополнителни одложувања.

Никола Ивановски

