Куманово денеска беше домаќин на спортскиот караван „Денови на спортот“, кој се организира во рамки на Спортските игри за млади, најголемата аматерска спортска манифестација за деца и млади во Европа, што годинава за првпат се одржува и во Македонија.

Во спортската сала во градот се собраа голем број деца и млади од североисточниот регион, кои преку спортски активности, дружење и натпреварувачки дух беа дел од спортскиот настан чија цел е промоција на здравите животни навики, фер-плејот и позитивните вредности кај младите.

На свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој истакна дека за градот претставува чест што е домаќин на ваков настан.
– За мене како градоначалник на Куманово, град кој го носи предзнакот спортски град, ова беше предизвик заедно со Федерацијата на училишен спорт, Министерството за спорт и млади, Владата и спонзорите да го организираме овој настан. Присутни се деца од целиот североисточен регион и посакувам сите спортски да се натпреваруваат“, изјави Димитриевски.
Организаторите потенцираат дека концептот на Спортските игри за млади овозможува бесплатно учество за сите деца, а караванот и во наредниот период ќе продолжи да посетува повеќе градови низ државата.


















Никола Ивановски

