Пред 100 години во Куманово била извршена првата кинопроекција

Сподели со своите пријатели

Во некогашниот хотел „Солун“ била извршена првата кинопроекција во Куманово итоа, како што наведува Миодраг Ардовски Болто, во списанието „Корени“, во 1917 или 1918 година од страна на некој Турчин од Скопје по име Шајтан оџа која заедно со кумановецот Цветко Дољкин организирале неколку претстави во градот.

Како што пишува Димитар Масевски во своето дело „Кумановска кафеана, хотелот „Солун“ се состоел од соби за спиење на катот, простран ресторан на приземјето, а во големиот подрум имало мразарница.

– По 1903. година хотелот „Солун“ го презеле познатите браќа Тома, Власи од Крушево, кои по Илинденското востание се населиле во Куманово и ја купиле куќата од семејството Соларци (куќата постои и денес) на Серава каде во 1905 година било сместено влашкото училиште и црквата „Благовештение“ – пишува Масевски.

Создавањето на Кралството на СХС во 1918. година, хотелот „Солун“ го преименува во хотел „Србија“. Токму тој објект, според истражувањата на Димитар Масевски, е локацијата каде на 24 септември 1919. година бил формиран огранокот на Социјалистичката работничка партија (комунисти).

– Во 1934. година хотелот „Србија“ и натаму е во сопственост на браќата Трифун и Премче Пандиловиќ, како што е запишано во Деталната скица на Регулациониот план на град Куманово, додека со него стопанисувале разни угостители. Од нив најдолго се задржал познатиот кумановски угостител Божин Анѓелковиќ – Камбанка, пишува Масевски во „Кумановска кафеана“.

Зградата на овој реномиран угостителски објект од минатото на Куманово, била национализирана во 1948. година и таа постои и ден денес на улицата „Иво Лола Рибар“ или „Нагорички сокак“ каде е сместено Здружението на армиски и полициски ветерани.

Leave a Reply