Патот Ниш – Солун некогаш минувал низ Довезенце и Клечовце

Сподели со своите пријатели

Ако ја проследиме историјата низ вековите, ќе согледаме дека Балканот секогаш бил мост низ кој минувале патиштата од Запад на Исток и обратно.

Така основните и најстарите патишта на Баланот изградени од Римјаните се патот Белград – Ниш – Софија – Цариград и патот Драч – Солун – Цариград.

И кумановскиот крај имал добри патишта кои го поврзувале со главните артерии и во околината на Куманово минувале некои патишта важни за историјата.

Така патот Скопје – Ќустендил минувал преку селата Мојанци, Доброшане, Страцин и продолжувал натаму надвор од кумановската околија, но еден крак од овој пат се делел од селото Доброшане минувал преку Кумановска река, меѓу Проевце и Шупли Камен, излегувал на Нагоричката висорманина кај Даргутовиот кладенец, па минувал преку реката Пчиња северно од Крива Река, селата Стрезовце и Облавце и се поврзувал со патот за Крива Паланка.

Патот Софија – Косово Поле минувал крај Ќустендил преку Осоговската планина, се спуштал кон селата Конопница, Страцин, Нагоричане, Прешево и продолжувал за Гњилане.

Патот Ниш – Солун излегувал на Нагоричката висорманина и минувал преку селата Клечовце, Довезенце и Култибешка висорманина, а од тука продолжувал за Солун.

Од сето ова може да се согледа дека низ Куманово до 17 век не минувал ниту еден од поголемиот патишта, па затоа можеби и Куманово многу малку се споменува во записите од тоа време.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 35 (понеделник 1 април 1963. година)

Leave a Reply