Околу 150 кумановци поднеле барање за остварување на гарантиран минимален приход

Сподели со своите пријатели

Зголемена е фреквенцијата во кумановскиот Центар за социјални работи, поради олеснетиот пристап до правата од социјална заштита соопштија денеска, надлежните од установата. Околу 150 -тина барање доставиле кумановци од почетокот на април досега за остварување на гарантиран минимален приход, информираше директорката на установата, Алескандра Арсовска.

Loading...

Ова право им е овозможено со уредбата на Владата со која барања можат да поднесат домаќинства во кои носителот на правото и полнолетните членови останале без работа изминатиот период по кој било основ, имаат возило постаро од пет години и не остваруваат приходи по друг основ во последниов месец. Овие семејства доколку имаат и деца на училишна возраст ќе можат да користат и детски и образовен додаток.

-Најголем интерес има за остварување на правата туѓа нега, право на попреченост, на посебен додаток. Сите кои користат туѓа нега и имаат контролен преглед ќе продолжат да го користат ова право за време на траење и два месеци по завршување на вонредната состојба. Во меѓувреме тие ќе треба да се јават кај матичниот лекар кој што ќе им закаже термин на комисија за утврдување на здравствената состојба и потребата од користење на туѓа нега, со тоа што апелираме до матичните да достават комплетна документацијата, задолжително е изготвување на бартелов индекс и мислење од страна на матичниот лекар кои се основни документи и заедно со специјалистичките извештаи за да може комисијата да одлучува по основ на овие права, бидејќи во овој перид корисниците не одат на преглед на комисија, изјави Арсовска.

Центарот за социјална работа ја следи состојбата и препораките на надлежните во однос на заштита од ширењето на коронавирусот, затоа е воведена дежурна телефонска линија, како и фиксна. Барањата ќе се доставуваат исклучиво на шалтер.

Фреквенцијата на граѓани е зголемена и во однос и барање на информации од трет сет пакет економски мерки кои Владата ги донесе, особено за платежна картичка во износ од 9.000 денари која што ќе биде наменета за корисници на гарантирана минимална помош.

-Граѓаните дополнително ќе бидат известени за критериумите и начинот на користењето на овие платежни картички како и каде и дали ќе можат да аплицираат-изјави Арсовска.

МИА

Leave a Reply