Одделот за гранични работи при МВР доби донација од САД

Сподели со своите пријатели

Техничка опрема наменета за контрола на товари и возила, пет теренски чевороцикли кои првпат ќе бидат во составот на граничната полиција за контрола и надзор на тешко пристапни терени на државната граница доби денеска Одделот за гранични работи при МВР, а во рамки на Програмата за контрола на извоз и гранично обезбедување (EXBS). Станува збор за нова донација која ја примопредаде американскиот амбасадор Џес Бејли.

– Во сите овие години наназад Амбасадата на САД во Република Македонија преку Програмите за контрола на извоз и гранично обезбедување (EXBS) и за меѓународна помош и обука во кривичните истраги (ICITAP), претставува еден од најреспектабилните партнери на Министерството за внатрешни работи чија што конкретна помош и поддршка овозможи техничко, образовно, организационо и оперативно подигање на стандардите на работа на повеќе организациони единици при МВР“, истакнал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на примопредавањето на донацијата.

Од МВР соопштија дека Спасовски нагласил оти успешното менаџирање на безбедноста на границите во современиот начин на живеење, подразбира отворени, но и добро контролирани граници, каде што е возможен брз проток на материјални добра и патници, и ефикасна контрола и спречување на сите облици на илегална миграција и прекуграничен криминал.

Заблагодарувајќи се за новата донација, којашто според министерот Спасовски е плод на долгогодишното партнерство и блиска соработка со Американската амбасада во РМ, првиот човек на македонската полиција нагласил дека со донацијата од страна на Амбасадата на САД на современа техничка опрема, значително ќе се подобрат оперативните капацитети на нашата гранична полиција во повеќе сегменти од граничното работење. Според него, тоа, пак, ќе значи поголема функционалност и ефикасност во остварувањето на редовните работни задачи на граничната полиција.

Американскиот амбасадор Бејли од своја страна пак истакнал дека во изминатите 16 години Владата на САД издвоила повеќе од 20 милиони долари во опрема и обука за подобрување на квалитетот на граничната контрола и безбедност. Констатирајќи дека соработката има конкретни видливи резултати амбасадорот Бејли ги оценил како извонредни досегашните заеднички напори во насока на подобрување македонската гранична безбедност, порачувајќи дека во и наредниот период ќе продолжи партнерството како во делот на граничната безбедност, така и во делот на обуката за криминалистички истраги.

Loading...