Над 600 жртви во смртоносните поплави во Нигерија

Сподели со своите пријатели

Над 600 луѓе загинаа од јуни во најсмртоносните поплави во Нигерија во последната деценија, предизвикани од рекордните врнежи и принудија 1,3 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, покажуваат новите податоци на локалните власти.

Loading...

Од почетокот на сезоната на дождови, многу делови од најнаселената африканска земја се погодени од силни поплави кои ги зголемија стравувањата од недостиг на храна и зголемена инфлација.

„За жал, повеќе од 603 животи се изгубени, со уште 100 загинати за седум дена и 2.400 повредени во поплавите“, објави во неделата Министерството за хуманитарни прашања на Нигерија на Твитер.

Астрономското зголемување на бројот на загинати е забележано затоа што многу локални единици не се подготвиле за толку силен дожд, соопшти Министерството.

Минатата недела властите ја објавија бројката од 500 загинати.

Повеќе од 82.000 куќи и 110.000 хектари обработливо земјиште се исто така целосно уништени, додаде Министерството.

Сезоната на дождови обично започнува во јуни, но поплавите станаа особено смртоносни од август, според Националната агенција за управување со вонредни состојби.

Минатата недела 76 лица загинаа во потонувањето на брод во југоисточната држава Анамбра, кога излеаната река Нигер ја предизвика несреќата.

Loading...

Во Нигерија во наредните недели се очекуваат обилни дождови, па се стравува дека ќе има нови штети и опасности за луѓето.

Министерот за хуманитарни прашања Садија Умар Фарук повика на евакуација на луѓето кои живеат покрај реките, особено во оние области каде што има висок степен на опасност од поплави.

Во 2012 година имаше смртоносни поплави во Нигерија кои однесоа 363 животи и принудија повеќе од два милиони луѓе да ги напуштат своите домови.

Субсахарска Африка е особено погодена од климатските промени, а во многу земји последиците од руската инвазија на Украина дополнително ја влошија и онака тешката економска ситуација.

Во Нигерија, дом на околу 215 милиони луѓе, оризопроизводителите предупредија дека поплавите може да ги зголемат цените, бидејќи увозот на ориз е забранет за да се поттикне локалното производство.

Според заедничкиот извештај на Светската програма за храна (WFP) и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, објавен во септември, Нигерија веќе е меѓу шесте земји кои се најзагрозени од катастрофален глад.