Лекарите во Јужна Кореја протестираат, владата најави апсење ако не се вратат на работа

Сподели со своите пријатели

Владата на Јужна Кореја им даде рок на младите лекари до крајот на февруари да се вратат на работа или ќе се соочат со санкции за организирање на седумдневен протест, за време на кој услугите за пациентите беа суспендирани во неколку големи болници.

Loading...

Речиси две третини од лекарите-приправници ги напуштија своите работни места во знак на протест против владиниот план за зголемување на квотите за упис на медицинските факултети, со кои сакаат да го решат проблемот со недостигот на лекари, особено во едно од најбрзо старечките општества во светот.

Поради протестите, болниците беа принудени да одбијат некои пациенти и да откажат операции.

„Со оглед на сериозноста на ситуацијата, владата ја дава последната молба“, рече министерот за безбедност Ли Санг-мин на отворањето на состанокот на работната група, додавајќи дека службите за итни случаи дошле до „опасна ситуација“.

„Доколку се вратите на работа до 29 февруари, нема да одговарате за направената штета. Запомнете, вашиот глас ќе се слушне најгласно и најефективно кога ќе бидете рамо до рамо со пациентите“, рече министерот.

Владата претходно ги предупреди лекарите дека ќе преземе правни мерки против оние кои ја игнорираат нејзината молба и одбиваат да се вратат на работните места во болницата, вклучувајќи апсења, судски обвиненија или одземање на лиценцата.

Сакаат повисоки плати и повеќе лекари

Младите демонстранти бараат владата прво да се справи со висината на платите и условите за работа, а потоа да го зголеми бројот на идните лекари.

Заменик-министерот за здравство Парк Мин-су се закани дека ќе ја одземе лиценцата за најмалку три месеци за секој што ќе се врати на работа до 1 март.

Loading...

Другите лекари, како и оние вработени во приватните клиники, не се приклучија на протестот, туку одржаа собири со кои ја повикаа владата да се откаже од планираното зголемување на квотите на медицинските факултети.

Сепак, многу граѓани на таа земја го поддржуваат владиниот план, кој го предводи претседателот Јун Сук Јеол.

Неодамнешната анкета на Галуп покажа дека три четвртини од граѓаните го поддржуваат.

За да се подобри достапноста и квалитетот на здравствените услуги, владата на Јужна Кореја најави дека ќе го зголемува бројот на студенти по медицина за 2.000 секоја година и ќе ја прошири правната заштита од тужби и гонење за небрежност.

Дополнително, планот вклучува стимулации за лекарите кои избираат педијатрија и општа хирургија и за лекарите кои ќе работат во оние делови од земјата со изразен недостиг од здравствени работници.

Од друга страна, дел од лекарите сметаат дека зад презентираниот план се крие лов на гласовите на гласачите во пресрет на изборите во април.

Професорите по медицина на Националниот универзитет во Сеул ја повикаа владата да ги одложи дискусиите за ова прашање за по изборите.