Кристерсон: Шведска направи се што вети

Сподели со своите пријатели

Шведска направи се што ѝ вети на Турција и сега очекува турскиот парламент да го ратификува нејзиниот влез во НАТО, изјави премиерот Улф Кристерсон.

Loading...

Кристерсон рече дека неговата неодамнешна изјава дека Шведска не може да ги исполни барањата на Турција за ратификување на нејзиниот влез во НАТО била погрешно протолкувана.

Тој рече дека Шведска донесе закон за зајакнување на борбата против тероризмот, што е клучно турско барање.

„Го направивме токму она што го ветивме“, изјави Кристерсон на групата дописници од Брисел кои отпатуваа во Шведска по повод преземањето на ротирачкото претседателство од Советот на ЕУ.

По руската агресија врз Украина, Шведска и Финска се откажаа од политиката на неутралност и аплицираа за членство во НАТО.

Досега протоколот за влез во НАТО на тие две земји го ратификуваа 28 од 30-те членки на Алијансата. Остануваат Турција и Унгарија.

Унгарија вети дека ќе го започне процесот на ратификација на почетокот на февруари, а Турција побара од двете земји да се справат со групите што ги смета за терористички организации и да ги екстрадираат лицата за кои се сомничи за тероризам.

Сепак, Кристерсон вели дека за екстрадицијата не одлучува политиката, туку судовите.

Loading...

„Турција понекогаш именува лица кои би сакала Шведска да ги екстрадира, но шведските закони предвидуваат судовите да одлучуваат за тоа и да нема простор тоа да се менува“, рече шведскиот премиер, додавајќи дека несогласувањето по ова прашање не треба да го засени фактот дека преговорите со Турција се одвиваат добро, напредуваат.

Поддршката за Украина е приоритет

Кристерсон, зборувајќи за приоритетите на шведското претседателство со Советот на ЕУ, рече дека „првиот и најважен приоритет“ е да продолжи да ја поддржува Украина, во воена, финансиска и хуманитарна смисла, колку што е потребно, и дека од клучно значење е да се одржи единството во рамките на ЕУ.

Кристерсон рече дека победата на Украина во војната против руската агресија е „егзистенцијално прашање“ и за ЕУ ​​и за Украина.

Шведскиот министер за одбрана Тобијас Билстром рече дека единството е зачувано и покрај постојаните напори на Русија да го скрши.

„И покрај постојаните обиди на Русија да ги подели двете страни на Атлантикот и да предизвика раздор во ЕУ, единството е зачувано“, рече Билстром.

На 1 јануари Шведска го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ од Чешка.

Во програмата на своето претседавање, под слоганот „Позелено, побезбедно и послободно“, шведската влада постави четири приоритети: безбедност и единство; конкурентност; зелена и енергетска транзиција; демократските вредности и владеењето на правото.