Комисија во Куманово ја укина негата за трето лице на жена болна од карцином

Сподели со своите пријатели

На триесет и четиригодишната кумановка, Даниела Бошковиќ која боледува од карцином на вилицата и на грлото на матката, повторно и било укинато правото на помош и нега од трето лице, кое на неа и е апсолутно неопходно и потребно, објави ТВ ПЛУС.

Loading...

Оваа самохрана мајка на две деца, вели дека не знае зошто комисијата повторно се одлучила на овој чекор, бидејќи поседува лекарска документација која ја потврдува нејзината тешка здравствена состојба.

Иако се работи само за 3.000 денари, тие многу и значат за плаќање на сметките за струја и вода.

-Бев на комисија, и имаше лекари кои ми одобрија, а сега ја скинале постојаната нега. Ми значи затоа што живеам под кирија, а и друго што се случува во овој момент, и негата укината, а и киријата неплатена и уште газдите ми велат до 1 – ви август да се иселам. Дали некој слушнал за мене, колку пати упатувам апел до државата да ми помогне, граѓаните ми помогнале многу, тука ќе ја спомнам и Крепост, црквата  Свети Никола, а оние што можат и имаат поголема финансиска моќ, ниту да слушнат, ниту да се обратат да ми помогнат а знам дека можат, вели Бошковиќ во изјавата дадена за ТВ ПЛУС.

На младата кумановка лекарите не и дозволиле трета операција, бидејќи е премногу слаба и не знаат дали ќе ја издржи операцијата.  Таа во овој момент живее од социјалната помош која изнесува околу 6.000 денари.

Вели дека тие средства не и стигнаат за храна за децата, а не пак за лекови. Досега се снаоѓала со донации од хуманите граѓани, бидејќи не добива никакви други средства.

-Во овој момент се знае, првин покрив над главата, па потоа моето здравје за да можам да работам и да си ги гледам моите две деца. Финансиските средства се знае дека ми требаат, но ако на први јас излезам, каде со овие две деца, додава таа.

Инаку пред две години на Даниела и беше укината социјалната помош, но под притисок на јавноста, надлежната лекарска комисија оцени дека е работно неспособна и повторно и ја врати.

Loading...

Адвокатот Христијан Георгиевски, кој на Бошковиќ и обезбеди бесплатна правна помош, се обидува на секој начин да пронајде решение за нејзината тешка финансиска состојба. Тој нагласи дека овој пат и е укината помошта по мислење од стручен тим дека не ги исполнува условите согласно законот.

-Медицинската документација особено неподобрување на нејзината влошена здравствена состојба од пред две години, апсолутно оправдува продолжувањето на парична помош и  ова предметно решение ќе го обжалиме и сметаме дека Министерството за труд и социјална политика ќе има сенс за вакво нешто за да и го продолжи правото. Како еден главен хендикеп за ваквата ненамерна грешка или пропуст сметаме дека се работи во тоа што стручниот тим нема директен увид за какво лице станува збор, значи лице кое што е неподвижно со трајни дијагнози за функционирање, апсолутно заслужува да го користи ова право согласно законот-наведе Георгиевски.

Тој додаде дека во текот на денот, или најдоцна до утре ќе поднесат жалба за решението, но апелираше до институциите да не чекаат одговор од Скопје, бидејќи се работи за личност на која што итно и е потребна помош.

Сите хумани граѓани кои што сакаат да и помогнат на Даниела може да ја исконтактираат на наведениот телефонски број.

Телефон: 071-831-813

Жиро сметка: 320500009057065

Централна кооперативна банка АД Скопје

Извор: ТВ ПЛУС

Loading...