КК Куманово го откажа учеството во БИБЛ поради финансиски проблеми

Сподели со своите пријатели

Поради финансиски проблеми, Кошаркарскиот клуб Куманово реши да го жртвува своето учество во Балканската БИБЛ лига.

Преку соопштение на социјалните мрежи, Управата на КК Куманово објави дека поради намалување на финансиската подршка од страна на Општина Куманово, клубот не е во можност да ги подмири тековните трошоци за натпреварување во оваа лига.

Според наши информации, на состанокот кој бил одржан со градоначалникот Максим Димитриевски, на претставниците на клубот им било кажано дека од предвидените 1,2 милиони денари, ќе добијат 600.000 денари, а за останатиот износ да се снајдат самите.

Новото раководство на клубот, смета дека мора да направат приоритети и покрај тоа што финансиската состојба во клубот е многу лоша.

– Согласно со тоа, прв приоритет ни се редовните обврски кон постоечкиот играчки кадар, како и кон Македонската Кошаркарска Федерација, како и други субјекти поврзани со патувања и сместување. Со оваа одлука создаваме услови за целосно посветување на натпреварувањето во Првата македонска лига, во кое амбициите ни остануваат исти, а тоа е пласман во Супер лигата, но со напомена дека ќе се даде акцент на млади домашни играчи кои ќе бидат база за наредните сезони. Во секојдневни преговори сме со потенцијални спонзори кои се подготвени да помогнат во подобрувањето на финасиската состојба, стои во соопштението на клубот.

Како што додаваат од Управата, се работи на изготвување на четиригодишен план за спортски и финансиски развој на клубот.

Воедно ја замолуваат публиката на разбирање и бараат поддршка во наредниот период за да како што велат, заедно се вратат на победничките патеки.