Кина престана да издава визи за патници од Јужна Кореја и Јапонија

Сподели со своите пријатели

Кинеските власти престанаа да издаваат визи за патници од Јужна Кореја и Јапонија, како одговор на барањето на тамошните власти сите патници од Кина да бидат тестирани за Ковид-19.

Loading...

Ова денеска го соопштија кинеските амбасади во Сеул и Токио.

Во кусото соопштение од кинеската амбасада во Сеул се вели дека забраната ќе остане во сила додека Јужна Кореја не ги укине „дискриминаторските мерки“ за влез на кинески државјани.

Се укинуваат визите за туристите и луѓето кои патуваат во Кина на деловен план.

Кинеската амбасада во Токио само објави дека издавањето на визите е суспендирано, а се претпоставува дека тоа важи само за оние кои се уште сакаат да аплицираат, а не и за оние кои моментално имаат визи, пишува АП.

Кина претходно се закани дека ќе им возврати на сите земји кои воведоа задолжително тестирање за Кинезите по наглото зголемување на бројот на заразени со корона вирусот во таа земја.

Најмалку 10 земји во Европа, Северна Америка и Азија ги зајакнаа правилата за влез на кинеските државјани бидејќи изразија загриженост поради недостигот на информации за брзото ширење на вирусот во Кина.

Нејасно е зошто мерките за реципроцитет засега важат само за Јужна Кореја и Јапонија и дали Кина ќе ги примени новите мерки и за други земји.

Loading...

Ненадејно зголемување на новозаразените лица е забележано во Кина, кога по две години драстично беа ублажени мерките против Ковид.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја соопшти дека потегот на владата „да ги зајакне антивирусните мерки за патниците кои доаѓаат од Кина се заснова на научни и објективни докази“.

„На транспарентен начин и дадовме информации на меѓународната заедница и однапред комунициравме со кинеската страна“, се вели во соопштението.

Одбивањето на визите за јужнокорејски или јапонски бизнисмени може да го одложи заживувањето на економските активности, што се очекуваше по укинувањето на мерките за коронавирусот во Кина, пишува АП.