ЈП „Водовод“ со загуба од 1,5 милиони денари во првото тримесечје

Сподели со своите пријатели

Првите три месеци од годинава за Јавното претпријатие „Водовод“ завршија со загуба од 1,5 милиони денари, беше заклучено од денешниот Извештај за тримесечно работење на оваа претпријатие.

Но, во споредба со истиот период минатата година кога загубата била 3,3 милиони денари се бележи значително подобрување, а според советникот Ивица Костовски загубата може да се акумулира со зголемувањето на потрошувачката на вода во летниот период кога има и поголеми побарувања за наплата од страна на претпријатието.

Незибежно како и на секое разгледување на извештаите на ЈП „Водовод“ беше и цената на суровата вода која ја фактурира ЈП „Кумановско – липковско поле“.

Имено, како што рече директорот Горан Стојковски, претставници од претпријатијата и локалната самоуправа одржале состанок во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на кое била утврдена цена од 4,8 денари, но ЈП „Кумановско – липковско поле“ и натаму фактурира цена од 6,7 денари, со што Општина Куманово е рекордер во таа област.

Цената ја фактурира „Кумановско – липковско поле“, па така ние имаме потрошени суровини, а тоа е директно суровата вода, во износ од 10,4 милиони денари по цената од 6,7 денари, а би имале 3 милиони добивка доколку се фактурираше по новата цена – рече Стојковски.

Инаку формирано е работно тело кое заедно со експерти и претставници на ЕУ работат на утврдување на универзална цена на сурова вода на ниво на целата држава, која не би требало да биде поголема од 4 денари по метар кубен.